Ристовски:Министерството ќе го зајакне системот на контроли за корисници на социјална помош
Министерството за труд и социјална политика ќе го зајакне системот на контроли за корисници на социјална помош и ќе презеде мерки против лицата кои ја злоупотребиле оваа помош, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Според него, Министерството не може да спречи определени граѓани да се обидуваат да го злоупотребат законот, но затоа ќе го зајакне целиот систем во смисла на електронско поврзување и генерирање на дневна основа на податоци, дали некој во периодот додека го искористувал правото остварувал и дополнителни приходи.
- Нашата крајна цел е да почнеме да добиваме информации на дневна основа за секоја промена кај кој било граѓанин кој е корисник на социјална помош. Имено, со доказ врз основа на податоци кои што ги добиваме од надлежни институции секој кој што на каков било начин се обидел да го злоупотреби системот - истовремено да прима социјална помош и да остварува приходи кои се надвор од рамката која што ја дозволува законот, за сите ќе бидат поведени соодветни постапки пред надлежни судови и на никој нема да им биде простен долгот, односно злоупотребата на буџетски средства.
Според Ристовски, ваквата злоупотреба значи директно крадење од џебовите на оние лица на кои им е неопходна социјалната помош и власта и Министерството нема никогаш да го дозволат и да го толерираат тоа.
- Секој оној кој се обидел да злоупотреби буџетски средства се обиде да злоупотреби можност да се зголеми социјалната помош за оние деца кои немаат да јадат, за оние семејства кои немаат да се прехранат и на кои што навистина им е неопходна помошта, рече министерот Ристовски, кој денска со претставници на Црвениот крст на град Скопје во соработка со училиштето за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“ го промовираше првото мени на Брајово писмо.