Џафери се сретна со заменик-директорот на Дивизијата за соработка и регионална безбедност, комодор Ефтимов

Министерот за одбрана Талат Џафери денеска имаше средба со заменик-директорот на Дивизијата за соработка и регионална безбедност при меѓународниот воен штаб, седиште на НАТО, комодор Емил Ефтимов, на која реферираше за подготвеноста, дооспособувањето на капацитетите, ефикасноста и континуитетот на сите процеси во Министерствот во рамки на соработката со НАТО.

Џафери, соопшти Министерството за одбрана, обраќајќи се пред комодор Ефтимов, истакна дека долгорочниот план 2011-2020 е содржински наместен да се завршат сите проекции и да се сочуваат стандардите. Министерството за одбрана и АРМ со сите буџетски лимитирања и во оваа завршна фаза го одржуваат напредокот и се води сметка да се одговори на сите барања навремено. Министерот информираше дека екипа предводена од државниот секретар Сашо Стефаноски, работи на заокружување и финализирање на сите досега започнати  процеси, се наведува во соопштението.

- По однос на нашиот придонес и декларираните заложби и конкретни дејствија редовно ги извршуваме ротациите кога праќаме наши единици во мисии а како министерство и армија ги разгледуваме сите можности, да учествуваме и во пост ИСАФ фазата. АРМ учествува и во ЕУ борбените групи 2012 и во овој концепт сме максимално задоволни од достигнувањата, истакна министерот Џафери.

Комодор Ефтимов се заблагодари за учеството во ИСАФ за подготвеноста за пост ИСАФ, за КФОР поддршката, за реализацијата на МАП и ПАРП и истакна дека воениот комитет на НАТО е врската  која ја стимулира соработката и секојдневно ја унапредува.

- Би сакал да ја потенцирам посебно улогата и на вашите воени претставници во структурата на НАТО, да ја посочам нивната посветеност и исполнителност во извршувањето на задачите да ги наоѓаме најдобрите решенија и тогаш кога ги утврдуваме различните пристапи, ги појаснуваме активностите и ги определуваме статусите во сите заеднички вежби. Тековно ги дополнуваме програмите и се надевам дека тоа ја стимулира ефикасноста. Во суштина тоа е целта на мојата работна посета и задоволен сум од досегашното и се надевам на уште подинамичен заеднички настап и во иднина, нагласи комодор Ефтимов.

На средбата присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, државниот секретар Сашо Стефаноски и високиот претставник на НАТО во Македонија, полковник Александар Александров.