Eвропски студии со заедничка диплома на Универзитетот на ЈИЕ и Љубљанскиот универзитет

Нова студиска програма за европски студии од новата учебна година ќе стартува на Факултетот за јавна администрација и политички науки при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово со заедничка диплома со Факултет за општествени науки при Универзитетот на Љубљана.

Ректорот на Универзитетот на ЈИЕ Замир Дика на денешната презентација во Скопје истакна дека програмата е конципирана според највисоките европски стандарди и ќе овозможи продуцирање на кадар по европски прашања, со можност за работа во европски и во домашни институции.

- Само млад и образован кадар може да ја спроведе европската визија. Создавањето заедничка програма меѓу нашите два универзитета подразбира највисоко ниво на соработка, а партнерството меѓу земја - членка на ЕУ и земја аспирант за членство е добар пример, кој треба да го следат и други универзитети, рече Дика.

Според вицепремиерот за европски прашања Фатми Бесими, евроинтеграцијата на земјата нема алтернатива, а оваа програма ќе овозможи услови за создавање на европски генерации.

- Секој од нас може да даде свој придонес кон процесот на евроинтеграција на земјата. Без дилема оваа цел бара искреност и посветеност од сите, рече Бесими.

Евроамбасадорот Аиво Орав, поздравувајќи го воведувањето на новите европски студии истакна дека ЕУ го поддржува УЈИЕ од самиот негов почеток и во текот на развојот на неговите академски активности, а за модернизација на образованието воопшто во Македонија преку ИПА Унијата алоцирала над 20 милиони евра.

- Заедничката програма со унивезритет од земја - членка на ЕУ е пример кој покажува дека Унијата е значајно ангажирана во реформите на локалниот образовен систем. Образованието игра стратешка улога во социоекономскиот развој на земјата, со оглед дека нашите економии се цвсрто базирани на знаење и иновации. Унапредувањето на образованието помага во создавање и одржување на вработувањата, ја олеснува социјалната инклузија и ја намалува сиромаштијата. Тоа е моќен инструмент за јакнење на социјалната и територијалната кохезија, рече Орав.

Поради спреченост да учествува на промоцијата со писмо акредитирањето на европските студии на УЈИЕ го поздрави и претседателот на РМ Ѓорге Иванов.

- Образованието зазема суштинско место во мојата визија за европска Република Македонија. Едуцирајќи 15 генерации млади политиколози, сфатив дека доколку имаме цел да бидеме дел од ЕУ, тогаш Европа треба да ја создадеме тука меѓу нас во Република Македонија, се вели во пораката што во име на Иванов ја прочита неговиот советник проф. Димитар Мирчев.

Според Шангајската листа, Љубљанскиот универзитет е рангиран меѓу 500 најдобри универзитети во светот. Според деканот на Факултетот за општетствени науки при овој Универзитет, Бојко Бучар, квалитетот е резултат на соработката со 200 меѓународни образовни институции која вклучува размена на професори и студенти.

Новата студиска програма „Европски студии“ за прв-додипломски степен и за втор циклус - магистерски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа ќе се изведува на англиски јазик со професори од двата универзитета, а дипломата ќе биде меѓународно призната со можност за работа во меѓународни и домашни институции.