Промовиран прирачник за унапредување на грижата за старите лица

Подобрување на услугата и олеснување на патот на професионалните лица во давање на услуги од сферата на социјална заштита кон стари лица, има за цел Прирачникот за почетна обука-Грижа за стари лица што денеска во Скопје го промовираа Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на Република Македонија.

- Прирачникот е дизајниран за да овозможи запознавање со основни и почетни знаења и вештини кои што му се потребни на еден професионалец пред да започне да работи на давање услуги од социјална заштита на стари лица. Модулот е наменет само за професионалци кои директно и непосредно даваат услуги, пред се на стари лица, но истовремено со своите активности индиректно им помагаат на сите членови на нивните семејства, рече министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

Неговата цел, додаде тој, е лицата кои се вклучени во социјална интервенција со стари лица, покрај разбирање на системот да ја разберат важноста на комуникацијата за стари лица, односно да разберат дека чувствата се многу важни во целиот процес на работа со стари лица.

- Прирачникот ќе стане дел од Програмата за континуиран професионален развој на стручни лица вработени во установите за социјална заштита и ќе се користи во едукација на нововработените стручни лица во установите кои даваат вакви услуги, рече Ристовски.

Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија смета дека Прирачникот е исклучително важен за овозможување квалитетна грижа за старите лица, посочувајќи притоа дека тој ќе обезбеди нови форми на социјална интервенција на ранливите категории граѓани.

- Прирачникот претставува потребен материјал за сите што се вклучени во грижа со стари лица и ќе претставува голема корист за континуирано професионално усовршување на ониe кои се вклучени во оваа дејност, рече Саити.

Министерот Ристовски, истакна дека квалитетот на приватните старечки домови во државата е добар, бидејќи, како што рече, оние кои не ги исполниле условите не добиле лиценца за работа.

Тој додаде дека досега 13 приватни старечки домови имаат добиено лиценца за работа од Министерството за труд и социјална политика, во кои се сместени 550 стари лица. Покрај нив во моментов во државата работат и четри државни старечки домови, во кои се сместени 350 стари лица. Освен старечки домови, во Македонија функционираат дневни центри за стари лица во Богомила, Чашка и Вевчани, а наскоро ваков центар ќе треба да биде отворен и во Лозово.

Прирачникот го изготви Заводот за социјални дејности-Скопје во соработка со Црвениот Крст на Република Македонија и образовниот центар на австрискиот Црвен крст.