Потпишан Меморандум за разбирање од областа на здравството со Универзитетската болница Каролинска и Stockholm Care

Меморандум за разбирање од областа на здравството потпишаа денеска министерот за здравство Никола Тодоров, професор Јурген Ларсон од Универзитетската болница Каролинска и Мајкл Норд Грејт, директор на компанијата Stockholm Care од Шведска.

Министерот Тодоров на прес-конференција рече дека целта на соработката е идентификување на можни полиња за соработка во однос на клиничката медицина, едукација, како и клиничко истражување и развој со посебен фокус на телемедицината.

- Ова е еден нов момент во функционирањето и начинот на извршување на медицинските услуги во Македонија со тоа што ќе се овозможи директна врска меѓу Македонија и Каролинска преку која наши доктори ќе можат да комуницираат со врвни доктори од Каролинска. Ова е еден од познатите начини на соработка на Универзитетската болница Каролинска со многу центри во светот и во Шведска. Тие имаат многу добро разработен концепт на телемедицина кој треба да биде пренесен и во Македонија, посочи Тодоров.

Истакна дека Меморандумот опфаќа ангажирање пензионирани експерти од Универзитетската болница Каролинска и Каролинска институтот од Стокхолм со цел обезбедување едукациска и клиничка поддршка во здравствениот систем на Македонија.

Универзитетската болница Каролинска, посочи министерот, е еден од водечките скандинавски медицински центри заедно со Каролинска институтот и претставува водечка институција за медицинска наука и грижа за пациентите.

Тој нагласи дека компанијата  Stockholm Care од Шведска е одговорна за менаџирање на меѓународната соработка во однос на медицинските услуги и здравствената грижа и претставува важна координирачка врска за интернационалните медицински услуги на Универзитетската болница Каролинска.

Ларсон рече дека го развиле нивниот здравствен систем на релативно добар начин преку соработка со интернационалните заедници.

- Оваа интернационална соработка придонесе за висок развој на медицинските услови на Универзитетската болница Каролинска. Сега се насочуваме кон прекугранична соработка во здравствениот систем. Многу сме среќни што воспоставуваме соработка и со Република Македонија, истакна Ларсон.

Во рамки на посетата делегацијата од Каролинска ќе посети неколку здравствени установи во Скопје.