Адеми: Намалени кражбите по измените на Законот за управување со отпад
Кражбите на предмети од железо, бакар и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг се намалени, оцени министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
На маргините од работниот состанок со Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија нагласи дека ефектите од измените на Законот за управување со отпад усвоени пред шест месеци се позитивни. Адеми заклучи дека има интерес за примена на новиот правилник од сопствениците на отпади и оти почнале со давање дозволи, а рокот за усогласување е пред истек.
- Со новиот правилник дадени се 18 дозволи за трговија и 63 за вршење дејност, односно се прилагодени отпади со новите правила. Секојдневно имаме барања за усогласување со новите правила и за месец-два сите складови ќе достават барања за усогласување, а ние ќе вршиме надзори да ги потсетиме дека времето тече и оти треба да се усогласат, рече Адеми.
Според измените на Законот за управување со отпад, кои беа донесени минатата година, депониите мора да бидат надвор од населено место, да бидат оградени, да имаат над 1.000 метри квадратни, дел од површината да им биде покриена... Индивидуални собирачи кои на годишно ниво можат да продаваат метали или отпад до 30.000 денари, доколку ја надминат сумата ќе треба да се регистрираат како трговци поединци или како правни лица, а инспекторите може да влезат во приватни дворови, да направат контрола и да ја конфискуваат стоката која сметаат дека е нелегална.
Владо Момироски од Асоцијација за секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија ефектот од измените во делот за намалување на кражбите го оцени како позитивен. Информира дека ќе понуди предлог за воведување персонлен данок при откупот на секундарни суровини од физички лица и укинување на ДДВ-то.
- Со тоа сметаме дека трајно би се регулирале односите од овој дел на бизнисот и оти големиот криминал што се прави со затајување на ДДВ би се искоренил. За секоја минимална сума на пример од 100 денари мора да вршиме исплата на трансакциска сметка, а провизијата е 35 денари, рече Момироски.
Во делот на ограничување на индивидуалните собирачи до 30.000 денари, посочи дека по исполнување на оваа сума ги менуваат компаниите за помалите суми да не мора преку трансакциска и да нема ограничување до 30.000 денари. - Со тоа сите добавувачи ќе бидат персонално оданочени. На тој начин сметаме дека ќе се воведе ред во бизнисот и ќе се искорени криминалот, нагласи Момироски.