Груевски од Мексико побара укинување на визите за македонските граѓани


Претседателот на Владата нa Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (понеделник, 29.04.2013 година) во Мексико Сити оствари средба со претседателот на Соединетите Мексикански Држави, г-дин Енрике Пена Нието.
    
Средбата на Премиерот на Македонија и Претседателот на Мексико е прва политичка средба на највисоко политичко ниво помеѓу двајца државници од двете земји од стекнувањето на независноста на Република Македонија.
    
Соговорниците го поздравија одржувањето на средбата истакнувајќи дека таа ќе биде во функција на отпочнување и развој на интензивен дијалог помеѓу двете страни и динамична соработка помеѓу земјите и на политичко и на економско ниво.
    
Беше истакната силна посветеност за унапредување на економските односи, развој на трговската размена и остварување на соработка на полето на инвестициите.
    
Соговорниците истакнаа политичка волја за интензивирање на процесот воспоставување на правна рамка за регулирање на односите помеѓу земјите, особено на полето на економијата.
    
Во таа насока беше констатирано дека треба да се започне со процес на подготовка на акти за избегнување на двојното оданочување, за заштита на инвестициите и за овозможување на услови за слободна трговија, за што соговорниците изразија спремност за лично учество во текот на процесот.
    
Премиерот Груевски ја истакна интенцијата на нашата земја за градење на продлабочени односи со Мексико во секоја сфера од взаемен интерес. Тој ги презентираше и поволностите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори и го истакна и економските аспект на посетата на владината делегација. Беше побарана и поддршка за финиширање на процесот на визна либерализација помеѓу двете земји.
    
Претседателот Пена Нието го поздрави почетокот на интензивирање на меѓусебните односи истакнувајќи дека Мексико е заинтересиран за градење на пријателски односи со Македонија. Тој истакна дека ќе го вложи својот авторитет за овозможување на визна либерализација помеѓу двете земји, како и за регулирање на правната рамка за соработка во економијата.
    
Беше истакнато дека и двете земји ќе продолжат со своите заложби и активности за постигнување на конкретна и опиплива соработка на проекти во разни сфери и понатамошно создавање на услови за развој на односите.
    
Соговорниците разговараа и за соработката на мултилатерално ниво во рамките на телата на Обединетите Нации.