Групацијата на Карлос Слим планира инвестиција во ИКТ областа во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (понеделник, 29.04.2013 година) во Мексико Сити, Мексико, оствари средба со Карлос Слим Јуниор, извршен директор на бизнис групација на Карлос Слим и негов првороден син.

На средбата беше поздравено силното пријателство кое постои помеѓу Република Македонија и бизнис групација на Карлос Слим кое се карактеризира со меѓусебно почитување, поддршка и интенција за конкретна соработка на проекти.

Беше истакната посветеност за понатамошно интензивирање на односите помеѓу двете страни и засилување на меѓусебната соработка. Беа акцентирани можностите и опциите за остварување на соработка на полето на економијата и полето на инвестициите.

Премиерот Груевски се заблагодари за целокупната логистичка поддршка која ја овозможува групацијата на Карлос Слим за промоција на македонските економски и општествени интереси.

Премиерот ги претстави реформите кои се спроведуваат во нашата земја, како и поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори притоа посебно истакнувајќи ги областите и проектите во кои може да дојде до конкретна меѓусебна соработка помеѓу двете земји, посочувајќи конкретни проекти од областа на информатиката и комуникациската технологија, туризмот, енергетиката, производството и останати економски области.

Извршниот директор Карлос Слим Јуниор истакна дека неговата групација ја респектира реформската агенда на македонската Влада, и тоа и на полето на економијата, но и во сферата на образованието, информатичко-комуникациските технологии и во други општествени сфери.

Карлос Слим Јуниор истакна сериозен и извесен интерес за опциите и можностите за инвестиции во нашата земја во областа на информатичко-комунакциските технологии, за што посочи дека неговата бизнис групација веќе ги интензивира, активно ги анализира и продлабочено ги разгледува конкретните детали кои би воделе кон реализација на инвестиција. Тој ја изрази подготвеноста за идно преминување на нивните одлуки во однос на инвестициите во Македонија во многу понапредни фази. Беше покажан и интерес за разгледување на поволностите за инвестиции и во други економски сектори.

Соговорниците се согласија дека во идниот период на многу подинамичен начин и со поинтензивна комуникација ќе се засилува соработката помеѓу двете страни.