Сертификати за 53 преведувачи и толкувачи од албански јазик од администрацијата
Педесет и тројца преведувачи и толкувачи од албански јазик во државната и јавната администрација денеска добија сертификати, по обуката што ја добија во рамки на проектот за Поддршка на процесот на спроведување на Охридскиот рамковен договор преку јакнење на капацитетите за квалитетен превод во државната и јавната администрација“ реализиран во соработка и со поддршка на амбасадата на Обединетото Кралство во нашата земја.
Проектот, според вицепремиерот за спроведување на Охридскиот рамковен договор Муса Џафери, е директно насочен кон поддршка на реформите во јавната администрација во Македонија, како и имплементација на клучните принципи од Рамковниот договор.
-Употребата на албанскиот јазик и на јазиците на другите немнозински заедници во Република Македонија е едно од најважните остварувања на новото општество во нашата земја после Охридскиот договор. По уставните измени врз основа на овој договор и нивна операционализација во законите кои овозможуваат и ја легализираат службената употреба на албанскиот јазик и на другите јазици, во текот на овој период се посветивме на практична имплементација на ова право, но и обврска кон општеството и државата, рече Џафери на врачувањето на сертификатите.
Џафери, уште еднаш ја истакна, како што рече, определбата на Владата на Република Македонија и Секретаријатот за спроведување на Охридскиот Договор во насока на потполно реформирање на јавната администрација и операционализација на сите постигнувања од Охридскиот договор во пракса.
Вицепремиерот, одговарајќи на новинарски прашања, најави нови конкурси за вработување на припадници на помалите етнички заедници, но не одговори колкава е бројката на овие лица. - Да, ќе има зависно од владината програма и од буџетот. Не знам на памет, знам дека имаме точна предвидена програма за подобрување на правична застапеност на сите заедници, изјави Џафери.
Амбасадорот на Велика Британија, Кристофер Ивон, рече дека обуката е во духот на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор.
- Проектот што во изминатите две години го поддржува Британската амбасада е во духот на Охридскиот договор, за обезбедување присуство на помалите етнички заедници и квалитетот на преведувачите во администрацијата, изјави Ивон, кој смета дека Охридскиот рамковен договор не е само за припадниците на една етничка заедница.