Средба на министерот Никола Попоски со албанскиот министер Алдо Бумчи

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Албанија Алдо Бумчи, кој се наоѓа во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од позитивниот тренд во билатералните односи, кои годинава бележат 20 годишен јубилеј.  ‘’Дојдовме до точка кога го пишуваме најдобрoтo поглавје на нашите билатерлани односи’’ – истакна албанскиот министер Бумчи. Во оваа прилика, заеднички беше реафирмирана заложбата за градење на уште поцврсти односи меѓу двете соседни земји, при што беа нотирани конкретни иницијативи и предлози, “Заедничката  цел е целосно искористување на потенцијалите кои се нудат за динамична добрососедска соработка и развој, а тој потенцијал е многу голем ’’ - рече министерот Попоски.

Во врска со  соработката во ЕУ контекст, министерот Попоски предложи одржување први експертски консултации за ЕУ прашања, согласно потпишаната Спогодба меѓу двете Влади, што беше со задоволство прифатено од албанскиот Министер.

Истовремено, беше констатирана потребата од унапредување на економската соработка, како и забрзана реализација на тековните проекти од патната, железничката и енергетската инфраструктура во рамки на Коридорот 8. Временото отворање на граничниот премин Џепиште- Требиште само за пешаци од мај оваа година како и отпочнувањето со работа на бродската линија Охрид-Поградец од оваа летна сезона, беа нотирани како значајни достигнувања.