Јанкулоска: Пешаците се најнезаштитени учесници во сообраќајот

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заедно со претставници од амбасадата на Словачка, Автомото сојузот на Македонија - АМСМ и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска делеа едукативни флаери за безбедноста на пешаците.

Послушните пешаци кои преминуваа улица на пешачкиот премин кај автобуската постојка „Југодрво“ на булеварот „Кочо Рацин“ добија јаболко, а оние кои не ја почитуваа зебрата добиваа лимон.

Активноста е во рамки на одбележување на Глобалната недела на ОН за безбедност на пешаците на патиштата, чија цел, според Јанкулоска, е да се подигне свеста кај сите учесници во сообраќајот за поодговорно однесување кон пешаците.

Од просечно околу 160 пешаци, жртви на сообраќајни несреќи, годишно во Македонија, околу 40 го губат животот.

- Во Република Македонија годишно се случуваат над 4.000 сообраќајни несреќи, што значи во текот на еден ден бројката е над десет. Во нив речиси секогаш, освен што има учесници возила има и настрадани пешаци. Токму заради тоа чуствуваме дека наша обврска е да направиме се што е можно да го свртиме вниманитето на сите учесници во сообраќајот за потребата од одговорно однесување. Посебно кога станува збор за заштита на пешаците во сообраќајот, бидејќи очигледно е дека тие како категорија на учесници се најнезаштитени и најизложени на опасности во вршењето на секојдневните активности, рече Јанкулоска.

Смета дека со зголемувањето на бројот на возила во сообраќајот и промената на категоријата, во смисла на побрзи и посовремени автомобили, опасностите се повеќе се присутни. 

- Во однос на безбедноста на сообраќајниците несомнено локалните власти мора да се вклучат во обезбедување на соодветната сигнализација, обележување на сообраќајниците, во делот на откривање МВР ја имаме најголемата одговорност, но за жал нашата улога и задача доаѓа на крај откако ќе се случат сообраќајните несреќи, истакна Јанкулоска.

Министерката изрази уверување дека изрекувањето на казните на сообраќајните прекршоци има своја улога и значење. Делува превентивно, но и репресивно кон сторителите на сообраќајните несреќи, односно оние лица кои не ги почитуваат сообраќајните правила.