Јавна расправа со операторите на јавните комуникациски услуги за Нацрт-законот за медиуми

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски денеска имаа работна средба со претставници на операторите на јавните комуникациски услуги на која беше разгледан нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги.

На средбата се дискутираше за забелешките и предлозите кои ги изнесоа претставниците на операторите Телекабел, Max ТV, Blizoo,  Boom TV, Тотал ТВ и СИЗ МК НЕТ.

На состанокот, како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, операторите ја поздравија иницијативата за донесување на законот, како и начинот на водењето на јавните консултации во чии рамки можат да ги изложат своите ставови и видувања.

Операторите се интересираа за одредбите од нацрт-законот кои се однесуваат на реемитувањето на програми, како и почитувањето на авторските права.

Како што се наведува, на состанокот стана збор и за процесот на дигитализација на националните и локалните телевизии, кој треба да стартува на 1 јуни оваа година и улогата на кабелските оператори во тој домен.

Сугестиите и коментарите на операторите на јавните комуникациски услуги наскоро ќе бидат доставени до МИОА и на веб страната www.ener.gov.mk, и ќе бидат земени предвид при изготвувањето на финалната верзија на законското решение.