Отворен Центар за поддршка на млади во Шуто Оризари
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити денеска во Шуто Оризари го отворија Центарот за поддршка на млади.
- Ова е исклучително значаен исчекор за општината Шуто Оризари и за ромската популација. Можеби ова не е толку гломазен проект по физичкиот изглед, но е исклучително значаен за ромската заедница бидејќи со него и со вклучувањето многу млади Роми волонтери во функционирањето на заедницата, како и со одговорност за поддршка помош на секој граѓанин, мислам дека може да се зголеми општествената одговорност на повисоко ниво, рече Ристовски.
Отворањето на Центарот е дел од проект на Црвениот крст на Република Македонија и Црвениот крст на Град Скопје поддржан од ЕВН Македонија, за заеднички развој на заедницата, со цел зајакнување на капацитетите на локалната заедница во случајов во Шуто Оризари.
На проектот работат 30 волонтери од општината, а генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити очекува во наредната година да се приклучат нови 50 волонтери.
- Ние како Црвен крст работиме на здравствени програми, дисеминација, социјала, ширење хуманитарни вредности. Во оваа просторија ќе биде и канцеларијата на патролните служби кои веќе се присутни на терен. Се надевам дека преку нив и преку волонтерите ќе се успее да се детектираат проблемите, потребите и предизвиците. Тие ќе бидат презентирани во центарот и преку заеднички активности кои ќе ги преземат со наша помош и поддршка ќе се обидеме до дојдеме до решение, рече Саити.
Игор Гиевски член на УО на ЕВН Македонија истакна дека оваа компанија и натаму ќе биде не само донатор, туку и партнер на Црвениот крст и на Владата, со цел да се помогне во унапредувањето на условите за македонските граѓани, кои како што рече, се и нивни потрошувачи.