Ристовски: Остануваме цврсто на ставот за заштита на децата

Република Македонија како одговорна земја во која пред се и над се е интересот на децата ќе продолжи со имплементација на Законот за посебен регистар на педофили. Негова крајна цел беше и ќе остане заштитата на децата, а ние ќе направиме се во тој дел да ги задржиме сите можности за заштита на децата и обезбедување нивно побезгрижно детство, изјави денеска министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

Тој го повтори ставот дека е шокиран од фактот што била прифатена иницијатива на пет педофили, кои се сторители и потенцијални повторители на ова кривично дело во услови кога ќе го завршат извршувањето на казната, нешто, што рече, го покажува и теоријата и праксата и меѓународните искуства.

Како поткрепа на ваквите ставови, Ристовски посочи случај во Соединетите Американски Држави пред 20-тина години, кој, како што рече, бил иницијатор на погласен говор за педофилите, за нивното јавно објавување и за првиот регистар на педофили.

- Во оваа прилика би апелирал барем малку да се одвои време и секој граѓанин да истражи преку интернет. Еве јас ќе помогнам и ќе ги насочам да го проверат случајот на девојчето Меган Канка во САД кое во 1994 година е злоупотребено по сите основи и е убиено. Овој случај е основ за соодветната држава во САД да го донесе првиот закон за посебен регистар на педофили. Потоа тој случај го користат голем број на држави во САД. Така јавноста во Америка, каде има прилично голема злоупотреба на децата и јавно се говори за неа, го направи револуционерниот чекор во насока на заштита на децата, рече Ристовски.

Тој додаде дека се уште го нема добиено образложението од Уставниот суд во врска со нивната одлука за прифаќање на иницијативата на пет педофили кои издржуваат затворска казна, за оценување на уставност на неколку одредби од Законот за регистар на педофили.

- Очекувам да го добијам и да видам која е нивната аргументација. Изминатите неколку денови сме сведоци на реакции во јавноста во врска со оваа одлука на Судот. Тие реакции воопшто не се позитивни. Станува збор за исклучително негативни реакции на целокупната јавност, но, пред се на родителите, на психолозите и на стручната јавност во целост, рече Ристовски.

Уставниот суд минатата недела поведе постапка за три члена од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, донесен во 2012 година.

Поведувањето на постапката е затоа што Судот смета дека членот 5, во ставовите 2 и 3 не е доволно прецизен бидејќи се навлегува во личниот и семејниот живот на осуденикот и членовите на неговото семејство, како и во личниот и семејниот живот на жртвата.

Дилема се јавува и за тоа дали објавувањето во регистарот е веднаш по правосилноста на пресудата или после издржувањето на казната затвор. Во одредбата не предвидува во кој момент ќе бидат достапни на јавноста тие податоци, како и временскиот период, односно колку време ќе стојат тие податоци во регистарот.

Што се донесува пак на целината на Законот, Судот оцени дека има уставна основа за постоење на ваков закон со оглед дека со член 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, која е дел од внатрешниот поредок на Република Македонија законодавецот може со закон да определи мерки за сречување на кривични дела и за заштита на здравјето и моралот, но притоа да се води сметка за личниот и семејниот живот на граѓанинот.