Министерот Јанакиески ги додели клучевите за новите социјални станови во Берово

 

Триесет семејства денеска се вселија во новите станови во објектот за социјални станови во Берово. Становите беа изградени според Програмата на Владата на Република Македонија, а семејствата ги добија согласно јавниот оглас и по пат на јавна електронска распределба.

Клучевите од нови станови денеска во Берово им ги предадоа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Берово, Драги Наџински.

Министерот за транспорт во своето обраќање пред присутните истакна дека станбената политика е еден од приоритетите на Владата на Република Македонија и им порача да ја чуваат новата зграда зашто тоа е нивниот иден дом.

Проектот за изградба и одржување на социјални станови континуирано се имплементира. Во рамките на овој проект досега се распределени социјални станови во градовите Македонска Каменица, Скопје, Охрид, Кичево, Кочани, Кавадарци, Крива Паланка и Битола.

Наскоро ќе биде објавен нов јавен оглас за социјални станови во Берово со дополнителни 21 стан.

Целокупниот број  опфаќа изградба на 35 објекти во 26 градови во Македонија со повеќе од 1.700 станови.