Распишан оглас за управители на Фондот за иновации
Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Владата на Република Македонија е стратешки насочена кон промоција и поттикнување на иновациите, иновациската дејност, претприемничкиот дух и технолошкиот развој со цел обезбедување на поддршка и помагање на бизнис секторот.
Во октомври 2012 година, Владата ја донесе Стратегијата за развој на иновациите 2012-2020 година, и Акцискиот план 2012-2015 година. Централна точка од Стратегијата е формирањето на нов Фонд за иновации и технолошки развој.
Денес би сакале да информираме за две работи, а тоа е дека, прво, Владата го усвои моделот на формирање на Фондот за иновации и технолошки развој, тој е предвиден во Предлог законот за иновациска дејност кој е усвоен од страна на Владата и е веќе испратен на усвојување во Собранието, и второ е да информираме дека Владата распиша оглас за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции во рамките на Фондот и тоа на позициите директор на Фондот, членови на Управниот одбор на Фондот и членови на Комитетот за одобрување на инвестиции, оглас кој е вметнат во претходно објавениот поширок оглас за ангажман на раководни позиции, и апелираме сите заинтересирани да ги истакнат своите кандидатури за управување со Фондот.
Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде формиран и ќе стартува со работа, по усвојување на Предлог законот за иновациска дејност од страна на Собранието на Република Македонија. Тоа ќе биде ново тело во политичко-економскиот систем на државата. Главен фокус ќе му биде поттикнувањето, но и финансирањето на иновациите, и општо поддршка на бизнис секторот. Интенцијата и заложбата на Владата е ова тело да биде управувано од страна на лица кои поседуваат искуства на полето на иновациите, кои се отворени и ја разбираат бизнис заедницата, кои ќе бидат нејзина поддршка и кои со својот професионален ангажман и способности ќе придонесат за економскиот развој на земјата.
Фондот ќе се развива во две поголеми фази. Во првата фаза, целосното финансирање на Фондот ќе го обезбеди државата. Во втората фаза, со почеток од 2014 година покрај владиното финансирање, Фондот ќе обезбедува средства за својата функција и од странски извори на средства пред се од Светската Банка, која стартува нов проект за подобрување на вештини (т.н. Skills project), преку кој може да се обезбедат средства за фондот и за градење на капацитети, и за кое користење на средства Владата веќе презема процесни постапки за апликација кои се во оперативна фаза.
Фондот ќе ги врши следните функции:
-ќе обезбедува техничка помош и консултантски услуги за новоосновани и постоечки претпријатија за зголемување на инвестициите во иновации;
-финансирање и кофинансирање на истражувачи и иновациски проекти на претпријатијата;
-комерцијализација на знаењето и науката преку формирање на универзитетски спин оф компании основани од страна на студенти, научни работници и претприемачи-инвеститори.
Предвидено е Фондот да ги има следниве инструменти за финансирање и кофинансирање:
-доделување на грантови за start-up и иновации (до 10.000 евра);
-доделување на грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации (до 30.000 евра);
-еквити и мезанин инвестиции (до 80.000 евра);
-средства за техничка помош.
Во втората фаза, односно по приклучувањето на средствата од надворешни извори, ќе се зголемат расположливите износи на постоечките инструменти во однос на висината на најголемиот износ за поддршка, а ќе бидат воведени и нови инструменти.
Вториот аспект за кој сакаме да ја подигнеме свесноста е нашиот апел сите заинтересирани лица кои поседуваат соодветни квалификации, кои имаат мотив да се вклучат во процесите и со својот ангажман да придонесат во нивното унапредување, да се пријават на огласот за пријавување интерес за ангажман на раководни позиции во Фондот за иновации и технолошки развој. Позициите за кои се распишува огласот, а се однесуваат на Фондот се следниве:
1. Директор на Фонд за иновации и технолошки развој, за која позиција лицето кое аплицира треба да поседува најмалку високо образование од областа на економските и техничко-технолошките науки, со најмалку пет години работно искуство во областа и да познава најмалку еден светски јазик.
2. Член на Управен одбор на Фондот(7 извршители) за кои позиции лицата кои аплицираат треба да поседуваат најмалку високо образование, 5 години работно искуство, да се истакнати стручњаци од областа на економијата, финансиите, правото, инвестиции или иновациска дејност, и да познаваат англиски јазик.
3. Член на Комитет за одобрување на инвестиции(5 извршители), за кои лицата кои аплицираат треба да поседуваат најмалку високо образование, и да се експерти со најмалку 10 години меѓународно искуство од областа на инвестициите во иновациската дејност.
Овие позиции се веќе вметнати во претходно распишаниот голем оглас за пријавување интерес за ангажман на раководни позиции, и за овие апликации за овие три позиции кои се наведени огласот трае до 07.06.2013 година, за разлика од апликациите за претходно објавените позиции за кои важи претходниот рок до 31.05.2013 година.