Кралев: Екстерното тестирање во најдобар ред

Екстерното тестирање почна навремено и се одвива во најдобар ред. Тоа е најобемен и најзначаен процес реализиран во образовниот процес во Македонија. Со него треба да се види каде има простор за подобрување на образовниот процес и намалување на во оценките и стекнатото знаење, оцени денеска министерот за образование и наука Панче Кралев.

- Денешниот прв ден од спроведувањето на екстерното тестирање тече во најдобар ред. Ова е прва година во која тоа се спроведува во сите училишта во Македонија и со него се опфатени околу 200 илјади ученици и над 15 илјади наставници. Тестирањето е еден од најзначајните реформски проекти кои се спроведени. Очекуваме тоа да даде јасни, мерливи и многу значајни индикатори кои директно ќе влијаат на подобрување на образованието во Република Македонија, истакна министерот Кралев при посетата на скопската гимназија Јосип Броз Тито.

Тој изрази благодарност на директорите и наставниците кои, како што рече, помогнале да почне еден од најсуштинските, најобемните проекти во образованието, но и на учениците и родителите за нивното трпение, и поддршката која ја дале во изминатиот период.

Предвидените награди и казни кои согласно законското решение, според Кралев, се во насока да бидат еден вид корективен механизам за подобрување на начинот на кој се спроведува оценувањето.

- За нас во овој момент примарна цел останува успешно да се спроведе екстерното тестирање, а потоа заедно да седнеме да ги согледаме тие резултатии, да видиме каде има простор за подобрување во делот на оценувањето и воопшто во образовниот систем. Системот на награди и казнување и треба да биде мотивиација и корективен механизам истовремено. Убеден сум дека екстерното тестирање ќе даде одлична основа во иднината процентите на разлика во оценките постигнати во текот на годината и на екстерното тестирање да бидат многу мали, рече министерот за образование.  

Тој посочи дека денеска во сите училишта се полага математика и оти со денешното тестирање се опфатени најголем број ученици. Од утре натаму ќе се полагаат други предмети со кои ќе бидат опфатени помал број ученици за разлика од денеска.

Министерот Кралев е информира дека на одредени места се појавиле помали проблеми, кои како што рече, биле очекувани поради обемноста на процесот и бројот на лица кои со него се опфатени.

- Се појавуваат, како што беше очекувано, помали технички проблеми каде што директорите или администраторите во училиштата директно се јавуваат во кол-центарот каде има 30 луѓе кои им се на располагање за решавање на таквите помали проблеми. Масовноста на самиот проект луѓето кои се инволвирани во него доведува да може понекогаш да се појават поситни недостатоци или проблеми кои треба да се надминат на лице место. Министерството за голем дел од случаите кои можат да се јават има изработено јасни протоколи за постапување, рече министерот за образование и наука.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случи со пријавените случаи кога компјутерскиот систем нe отворал одредени прашања од тестовите или тие не биле целосно дадени, Кралев изјави дека иако се тоа многу индивидуални и многу мал број случаи, набљудувачите имаат добиено инструкции како да постапат во таква ситуација и нормално како што наведе, тоа прашање ќе биде исклучено од самиот тест.

За јуни и август се предвидени уште два термини за оние кои што ќе бидат оправдано отсутни од тековните тестирања. Тековните информации од одвивањето на екстерното тестирање во текот на целиот период ќе можат да се добиваат од Државниот испитен центар, како институција која на терен го спроведува логистички ова екстерно тестирање.

Проектот се реализира по неколку години подготовки и пробни тестирања. Верувам, рече Кралев, дека од следната година и натаму процесот ќе биде уште подобар и ќе стане дел од нашиот образовен систем.