Посилна соработка меѓу земјите во регионот - порака од министерскиот состанок на ПСЈИЕ во Охрид

Засилена соработка меѓу земјите во регионот, е пораката што беше испратена од денешниот формален состанок на министри за надворешни работи во рамките на Процесот за соработка на Југосисточна Европа што се одржа во Охрид.

На состанокот, како што информира на заедничката прес-конференција министерот Никола Попоски, било разговарано за можностите за  зајакнување на соработката и за поефикасно искористување на средствата кои се нудат од страна на ЕУ за меѓусебно поврзување.

- Во овој контекст би констатирал дека Македонија имаше успешно претседавање со над 30 министерски и експертски средби и тоа немаше да биде возможно доколку државата немаше одлична соработка со претходниот и следниот претседавач со Процесот, заклучи Попоски.

Според државниот секретар на романското МНР Раду Подгоран, кој е иден претседавач со Процесот, состанокот претставува чекор напред кон евроатланската интеграција и оти Романија силно ги поддржува европските аспирации на Западен Балкан.

- Ние остануваме силен поддржувач на политиката на отворени врати на Унијата, за оние земји кои се решени да ги исполнат сите стандарди засновани на копенхашките критериуми. Регионалната соработка е комплементарна на евро-атланската интеграција. Тоа е инструмент којшто го олеснува дијалогот и заедничките проекти за справување со заедничките предизвици. Тоа ќе биде и еден од нашите најголеми приоритети како земја претседавач со ПСЈИЕ, изјави Подгоран.

За идејата, Самитот на претседатели на држави и влади на ПСЈИE да се одржи во Букурешт, Подгоран рече дека нема многу информации во врска со ова прашање.

- Мислам дека идејата за Самит во Букурешт најпрво беше порака дека имаме интерес да ја поддржиме соработката во регионот.Тоа е позитивна порака на нашите колеги дека регионалната соработка и процесот за соработка мора да продолжат. Има многу малку информации околу овој состанок и за тоа колку земји дале одговор на Букурешт. За ова најверојатно ќе имате повеќе информации подоцна, посочи Подгоран.

Иван Мркиќ, шефот на дипломатијата на Србија, претходниот претседавач со ПСЈИЕ, забележа  дека на министерската конференција учествуваат земји членки на ЕУ, кандидати и потенцијални кандидати за влез во Унијата.

- Не има и нас кои чекориме по тој пат и многу ни значи ваквата врска која претставува еден вид вежба за она што следува. Се надеваме дека колку што е можно побрзо,  за некои земји малку побавно, но сепак сите се движиме кон истата цел, а тоа е полноправно членство во Европската унија, рече Мркиќ.

Српскиот министер изрази надеж дека на следниот состанок ќе бидат надминати сите разлики кои ја попречуваат регионалната соработка.

- Само што одржавме еден министерстерски состанок и не поставивме никакво прашање во врска со учеството на Косово на овој состанок. Постоеше идеја, Самитот да се одржи овде, во Охрид, но условите не дозволуваат да се одржи овој состанок. Следниот пат ќе ја разгледаме оваа иницијатива и ќе се договориме да ги надминеме разликите кои, се разбира постојат, и сите сме свесни за тоа. Но да се надеваме дека следниот пат сите овие разлики ќе бидеме во состојба да ги надминеме, рече Мркиќ.