Потврдена поддршката од Лондон за евроинтеграциите на Македонија

Обединетото Кралство континуирано го подржува процесот на натамошно проширување на Европската унија и евроинтеграцијата на Република Македонија. Ова му го посочил министерот за европски прашања во британската Влада, Дејвид Лидингтон на вицепремиерот задолжен за европски прашања,  Фатмир Бесими, на денешната средба во Лондон.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ, Лидингтон во разговорите со Бесими нагласил дека важно е да се покаже напредок според Декемвриските заклучоци на Европскиот Совет во однос на приоритетите на ХЛАД, добрососедските односи и прашањето за името.

Обединетото Кралство, како што стои во соопштението, дава поддршка во евроинегративниот процес на Македонија, преку спроведување на проекти во неколку области и тоа: јавно управување, поддршка на реформата на јавната администрација, проценка на регулаторно влијание, градење на капацитетите во делот на професионални квалификации и програма за зајакнување на Парламентот, како и проектот за владеење на правото и основните права: поддршка на проекти за спроведување на мерките за борба против корупцијата, за воспоставување на условните казни во Македонија, за спроведување на стратегијата за еднаквост и антидискриминација, како и во делот на слободата на изразување на човековите права. Британски експерт бил вклучен и во анализа на предлог Законот за граѓанска одговорност и клевета.

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, за време на работниот престој на Велика Британија го посети и Британскиот Парламент каде се сретна со лорд Хани, лорд Баунес, лорд Меклинан, претставници од комисијата за европски прашања од Горниот дом на британскиот Парламент, како и со Овен Џенкинс, директор за проширување на ЕУ и Западен Балкан.

За време на средбите вицепремиерот Бесими се осврнал на активностите кои се преземаат во Република Македонија во однос на исполнување на обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво како и останатите реформски процеси.

Тој посочил дека Пристапниот дијалог овозможи де се добие нова динамика во остварувањето на реформите во петте клучни области и дека постигнатиот напредок беше соодветно валоризиран во пролетниот Извештај на Европската комисија со што се потврди дека земјата ги исполнува условите за почеток на преговорите.  

На средбите станало збор и за билатералната соработка, како и за поддршката која Македонија ја добива од Велика Британија во однос на процесот на интеграција особено во делот на реформа на јаваната администрација. Воедно, на средбите била истакната поддршката за интеграцијата на земјата во ЕУ.