Работна средба Спасов - Јевтиќ

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов оствари средба со министерот за заедници и повраток на Република Косово, Далибор Јевтиќ на којашто разговараа за прашања поврзани со враќањето на бегалците од Република Косово кои се на територијата на Република Македонија.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, министерот Спасов истакна дека процесот на интеграција на бегалците во Република Македонија се реализира согласно Стратегијата за интеграција на бегалци и странци и Националниот акционен план (НАП), којшто ја дефинира интеграцијата и мерките за нејзина имплементација во периодот од 2008 до 2015 година. Оваа политика и нејзините оперативни документи ги одредуваат активностите и мерките за сите сектори што се релевантни за поддршка на интеграцијата на бегалци, а тоа се: домување, здравствена заштита, образование, вработување, социјална заштита и развој на заедницата.

Спасов на средбата го претстави и процесот на локална интеграција како процес од три скалила. 

- Првото, односно базичното скалило, е вклучување на лицата со признато право на азил во постојниот систем на национална заштита, кој вклучува услуги на социјална и здравствена заштита. Второто скалило ја карактеризира развојната димензија на интеграцијата, преку специјално приспособени проекти што имаат за цел да дадат поддршка за развивање на самостојноста кај бегалците, а поради одговарање на нивните потреби за домување, вработување, образование и стручно оспособување. Третото скалило во овој процес е правната помош на бегалците во регулирање на нивниот престој во државата по друг основ, односно добивање на државјанство преку натурализација или постојан престој што ќе им овозможи целосна интеграција во новото општество, рече Спасов.

Воедно, тој посочи дека до сега, вкупно 200 семејства имаат аплицирано за локална интеграција за кои Центарот за интеграција на бегалци и странци има изработено семејни интеграциони планови за поддршка на локална интеграција.

- Сите бегалци имаат пристап до пазарот на трудот, а воедно се идентификувани и како посебна целна група во активни мерки за вработување на Владата. Бегалците имаат пристап до образование, здравствена заштита и социјална помош, идентично како македонските државјани. Преку годишната Програма за интеграција, исто така, на бегалците им се овозможува поддршка за домување преку финансиска надомест за покривање на трошоци за месечна кирија и режиски трошоци, дополни министерот Спасов.

Од аспект на долгорочно решавање на прашања од областа на домување, Министерството за труд и социјална политика и УНХЦР во 2012 година започнаа заеднички проект за изградба на зграда со 20 станови во с. Визбегово, а во 2014 година Министерството преку ИПА програма треба да отпочне со изградба на 100 станови.


Спасов и Јевтиќ  разговараа и за процесот на доброволно враќање на бегалците во Косово.

Министерот Јевтиќ на средбата потенцираше: “потребно е да се отпочне што поскоро имплементацијата на процесот на враќање на раселените и  во таа смисла е потребно да се отпочне со изградба на првите куќи на Косово оваа година”.

Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите надлежности им овозможува на бегалците од Косово релевантни информации во процесот на доброволно враќање. Исто така, Министерството иницираше потпишување Меморандум за соработка со косовското Министерство за заедници и повратак чија цел е воспоставување механизам за олеснување на проток на информации помеѓу земјата на азил и земја на потекло, односно забрзување на процесот на повраток, како и решавање на клучното прашање–сместување на повратниците и изградба на нивните куќи во земјата на потекло.

Според податоците на УНХЦР, 67 лица се регистрирани за доброволен повраток.

Во рамките на посетата, двајцата министри го посетија и Прифатниот центар за баратели на азил во с.Визбегово, каде што остварија средби со дел од бегалците.

На работната средба беше присутен и Амбасадорот на Република Македонија во Косово, Стојан Карајанов, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.