Груевски оствари средба со алпинистката Арсова

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 11.06.2013 година) оствари средба со Илина Арсова, алпинистката која се искачи на највисокиот врв во светот, Монт Еверест.

На средбата со Арсова премиерот Никола Груевски лично во свое име и од име на Владата на Република Македонија и упати честитки за залагањата и вложениот труд кој вроди со успешно завршување на еден од најголемите алпинистички предизвици, искачувањето на Монт Еверест.

Премиерот Груевски посочи дека подвигот на Арсова, која воедно е и првата жена од Македонија која го искачи овој планински врв, претставува достигнување и успех за секоја жена симболизирајќи истрајност, нескршливост на духот и потврда за огромната желба да се достигне успех кој ќе остане трајно врежан.

Алпинистката Илина Арсова го информираше Премиерот за деталите околу планинарската експедиција, за предизвиците со кои се соочувала во текот на искачувањето и начинот на кој беше постигнат успехот.

Премиерот Груевски посочи дека успехот на Арсова претставува колективен успех и радост за државата, но и добар пример дека преку развој на спортот и јакнење на спортскиот дух се вложува во добра иднина на младите и нивен квалитетен развој.