Премиерот Груевски се сретна со хрватскиот министер за одбрана Котромановиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 12.06.2013 година) оствари средба со министерот за одбрана на Република Хрватска, г-дин Анте Котромановиќ.

Соговорниците ги поздравија одличните односи кои постојат меѓу двете држави. Беше истакната и заедничката посветеност за континуирано унапредување на истите во секоја сфера од заеднички интерес и на секое ниво.

Двете земји споделуваат заеднички стратешки определби за ефективна реализација на европските и евроатланските интеграции, регионален развој и просперитет.

Премиерот Груевски го честиташе скорешниот прием на Република Хрватска за полноправен член на Европската Унија, и истакна увереност дека како и досега ќе продолжи хрватската поддршка на македонските интереси за членство во Европската Унија и НАТО.

Двете страни ги истакнаа позитивниот политички дијалог и билатералната соработка во областа на одбраната како примери за успешна соработка. Беа поздравени заедничките ангажмани во рамките на интегративните процеси на Јадранската повелба која е поддржана од Соединетите Американски Држави.

Беше разговарано и за иницијативите за развој на заеднички одбранбени регионални способности под плаштот на НАТО, особено во делот на развој на регионални центри за обука, во рамките на против воздушна одбрана и за модернизација на националните вооружени сили, како и за заедничките активности во рамките на новата мисија на НАТО во Авганистан.

Соговорниците ја изразија својата подготвеност за понатамошно унапредување на соработката во сферата на одбраната и на билатерално и на мултилатерално ниво.