Премиерот Никола Груевски со владина делегација во посета на Народна Република Кина

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, заедно со владина делегација која ја сочинуваат министерот за надворешни работи, г-дин Никола Попоски и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г-дин Веле Самак од денеска (понеделник, 01.07.2013 година) ќе престојува во посета на Народна Република Кина.

Во рамките на посетата, во текот на утрешниот ден претседателот на Владата Никола Груевски, во Пекинг ќе оствари средба со претседателот на Народна Република Кина, г-дин Си Џипинг и со премиерот на Народна Република Кина, г-дин Ли Кечианг.

Во среда (03.07.2013 година), премиерот Груевски ќе присуствува и ќе се обрати на Конференцијата за соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, која ќе се одржи во кинескиот град Чонгкинг. Се работи за иницијатива поттикната од кинеската Влада, а организирана од кинеското Министерство за надворешни работи и локалната самоуправа на Чонгкинг чија цел е интензивирање на економската и политичката соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Во рамките на економската турнеја за привлекување инвестиции, премиерот Груевски и владината делегација ќе остварат и повеќе поединечни средби со претставници на кинески компании од различни сектори кои се потенцијални инвеститори во нашата земја.