Петнаесет милиони евра за проекти и нови работни места во руралните средини

Прес - конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

 

Почитувани,

Владата на Република Македонија има стратешка определба на овозможување на услови за рурален развој, која се реализира преку поголем број на мерки и активности, како што се програмите за изградба, реконструкција и модернизација на локални патишта, за изградба, реконструкција и адаптација на градинки, за изградба и реконструкција на конвенционални и на модуларни училишта, субвенции за земјоделците и многу други проекти.

Во насока на обезбедување на дополнителни услови за економски развој на руралните региони, сакаме да информираме дека во јавниот повик за кофинансирањена проекти преку ИПАРД програмата, кој ќе биде објавен оваа недела, постои посебна мерка 302-Диверзификација на рурален развој, преку која мерка постои можност за финансиска поддршка на значителен број на инвестиции во руралните региони.

Приоритет на оваа мерка е развивање и  унапредување на можностите за бизнис во рурален регион и обезбедување на нови вработувања во тие региони, и за таа поддршка се предвидени околу 15 милиони евра. Суштината на поддршката претставува можноста да бидат покриени 50% од целокупните направени трошоци за инвестиција на еден субјект во руралните региони, и тоа во следните области:

-Создавање на мали капацитети за производство на храна,

-Создавање на активности за непрехранбени производи,

-Воспоставување и модернизацирање на откупни центри за шумски производи,

-Промовирање и поддршка на традиционални занаети, што опфаќа изградба и реконструкција на објекти за занаетчиски дејности, простории за маркетинг и продажни места за занаетчиски производи, опрема, потребна инфраструктура, набавка на машини, алати и опрема за соодветната занаетчиска дејност и друго,

-Поддршка за услужни дејности во рурални средини (неземјоделски услуги), што меѓу другото опфаќа и кофинансирање на отворање на бизнис и вработување во фризерници, игротеки, градинки и друго,

-Воведување на алтернативни системи за земјоделско производство, што се однесува на одгледување на печурки и тартуфи, производство на саден материјал за винова лоза, овошје и зеленчук, одгледување на цвеќе, одгледување на зајаци, одгледување на полжави, одгледување на птици за јајца и месо - пајки, гуски, мисирки, тетреби, ноеви и емуа, бисерки, одгледување на дивеч како дејност на фарма, одгледување и размножување на пчели, одгледување на новогодишни дрва  и слично

-Инвестиции за воспоставување на „Машински прстени“, која значи инвестиции во објекти и опрема за оддели за снабдување со земјоделски инпути (вештачки ѓубриња, семиња и саден материјал, производи за заштита на растенијата, горива и мазива) и оддели за услуги за изнајмување на земјоделска механизација, набавка на земјоделски машини и опрема, канцелариска и информатичка опрема и инвестиции за изградба на објекти за чување на земјоделски машини и опрема, инвестиции во простории, опрема и алат за поправка на земјоделски машини и опрема и друго

-Воспоставување и унапредување на приватни ветеринарни услуги, при што се поддржува изградба и реконструкција на објекти на приватните ветеринарни станици, помошни простории за собирање и третман на отпад и простории за болничко лекување на животните за време на третманот, набавка на опрема, машини, алати и опрема за ветеринарни услуги и друго

-Изградба/реконструкција и модернизирање на објекти за рурален туризам, и изградба/реконструкција и модернизирање на капацитети за сместување на отворено, која опфаќа поддршка на инвестиции во:

-              сместувачки капацитети (соби, апартмани, пансиони, колиби со само-послужување)

-              угостителски услуги (готвење и послужување на храна)

-              сместување на отворено (кампинг простори, бунгалови, авто кампови)

-              комбинирани услуги - сместувачки и угостителски услуги

-              воспоставување на соби за дегустација/продажни места за директна продажба на производите

-              рурални музеи (за претставување на историски, природни, традиционални, образовни, земјоделски и др обичаи на руралната средина)

-              рекреативни активности.

-              спортски капацитети (затворени и отворени) и опрема;

-              велосипедизам/пешачење/опрема за планинарење;

-              објекти за чување коњи, простор за јавање и опрема;

-              рибници и опрема за риболов;

-              објекти за релаксација (затворени и отворени) и опрема;

-              игралишта и опрема;

-              зоолошка градина и опрема и друго.

Условите за конкурирање за добивање на кофинансирање на ваков вид на проекти од мерката 302 генерално опфаќаат:

-поднесување на барање за кофинансирање до Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството и руралниот развој

-приложување на доказ дека ќе се обезбеди континуитет на деловниот потфат во период од следни 5 години, кој за проекти до 50000 евра се докажува со технички проект, а за проекти над 50000 евра со деловен бизнис план

-исполнување на национални стандарди, во врска со законите од туризмот, земјоделството, трговијата, животната средина, здравството, урбанизмот, и исполнување на стандардите на Агенцијата за храна и ветеринарство

-подмирени обврски кон државата

-доказ за сопственост на земјиште или доказ за долгорочен закуп на земјиште

-усогласеност со политиките на локален економски развој и друго.

Корисници на оваа мерка може да бидат физички лица, трговци поединци, трговски друштва и земјоделски задруги. Ќе се кофинансираат проекти и инвестиции со вредност од 3000 евра до 450 000 евра, а при инвестиции во туризмот ќе се кофинансираат проекти во вредност и до 750 000 евра, и ова е распон што дава пошироки можности и ги опфаќа и оние субјекти кои сакаат да реализираат помала инвестиција но и субјектите кои се фокусирани на покрупна инвестиција.

По објавувањето на јавниот повик кое треба да се случи во текот на следните денови, рокот за апликација за кофинансирање на проектите ќе изнесува 45 дена, односно јавниот повик ќе трае до крајот на месец август. Потоа во период од 3-4 месеци ќе се врши евалуација на апликацииите, и по проценките до крајот на годината може да се очекува потпишување на првите договори а некаде и првите исплати на уделот на кофинансирање.

Со цел овозможување поголема достапност и понуда на информации за заинтересираните заради постигнување поголем одзив на јавниот повик, во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од утре почнува со работа модернизираниот контакт центар, каде што со телефонско избирање на бесплатниот телефонски број 080012121 и префиксот 3, граѓаните можат бесплатно да се информираат за сите аспекти и деталји поврзани со ИПАРД Програмата.

Преку контакт центарот, покрај за условите и критериумите кои е потребно да бидат исполнети за поднесување на барање за одредена програма, мерките кои се финансираат и потребните документи, барателите на финансиска поддршка можат да добијат информации за нивните барања за финансиска поддршка, а контакт центарот овозможува повеќе опции за изготвување на извештаи, кои нудат информации за интензитетот и интересот за програмите за финансиска поддршка, најчестите прашања како и потешкотиите со кои се соочуваат барателите.

Апелираме што поголем број на земјоделци и земјоделски претприемачи да се охрабрат и да ја искористат оваа можност, да аплицираат за средства и на тој начин да обезбедат значителна поддршка за развој на својот бизнис, за своја, семејна и егзистенција на врабоптените во капацитетите, но и за отворање на нови работни места и нови вработувања, од што корист ќе има целото општество.