Средба Груевски - Буткевичиус

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (08.07.2013 година) во Вилнус оствари средба со г-дин Алгирдас Буткевичиус, премиер на Република Литванија, земја која од јули годинава е и актуелен претседавач со Советот на Европската Унија.

Двајцата соговорници изразија задоволство од пријателските односи меѓу двете држави кои се во постојан пораст и продлабочување. Тие се согласија околу заедничкиот интерес за зајакнување на соработката во сферите каде постои заемна придобивка и подготвеност, пред се во полето на економијата, трговската размена и јакнењето на инвестициските можности. Тема на разговорот беа и европските и евроатлански интеграции, како и реформите за економскиот развој.

Премиерот Груевски го истакна задоволството од позитивниот тренд на продлабочување на односите и интензивирање на дијалогот и соработката што придонесува за унапредување на односите во сите сфери од заеднички интерес и на билатерално и на мултилатерално ниво, и го покани премиерот на Литванија Буткевичиус да ја посети Македонија, и ја претстави можноста да се оствари заеднички бизнис форум во Скопје.

Претседателот на Владата Груевски истакна дека на средбата со неговиот колега разговарале за реформите кои се спроведуваат во двете земји чија цел е постигнување на економски раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните. Во таа насока, премиерот Груевски го запозна својот колега со пакетот на мерки и поволности кои ги овозможува Република Македонија на полето на економијата истакнувајќи дека Македонија е држава која нуди најниски трошоци за водење бизнис во Европа, најниски даноци и голем број на даночни ослободувања, соодветна работна сила и останати поволности посочувајќи дека литванските бизнисмени се добредојдени во Македонија.

На средбата премиерот Груевски ги афирмираше  стратегиските определби на државата за членство во Европската Унија и во НАТО при што се заблагодари на поддршката која Литванија ја дава на европските и евроатланските интеграции на Македонија. Премиерот Груевски ги истакна чекорите на Македонија на тој план, посочувајќи дека државата досега доби четири позитивни извештаи за напредокот од Европската Комисија и четири пати доби препорака за определување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија. Во однос на интеграцијата во НАТО, Груевски потенцираше дека Република Македонија ги исполни критериумите за влез уште во 2008 година. Премиерот Груевски потенцираше дека цени оти е исправно и рационално овие постигнувања и реформи да бидат вреднувани и почитувани.

Премиерот Груевски го информираше неговиот колега Буткевичиус како актуелен претседавач со ЕУ, за последната иницијатива до премиерот на Грција за подигнување на нивото на разговори и интензивирање на дијалогот под покровителство на Обединетите нации за единственото прашање кое ги попречува почетокот на преговори за членство на Македонија во ЕУ и членството во НАТО. Премиерот Груевски посочи дека се уште се чека одговор на оваа иницијатива, и истакна дека позитивниот одговор на грчкиот премиер ќе е во интерес на целокупниот регион, ќе ги продлабочи односите меѓу двете соседни земји, и на дело ќе ја потврди реализацијата на политиката на проширување на ЕУ и политиката на отворени врати на НАТО.

Премиерот на Република Литванија Алгирдас Буткевичиус се заблагодари за посетата на македонскиот Премиер посочувајќи дека двете држави развиваат исклучително пријателски односи засновани на принципите на меѓусебно почитување и соработка. Премиерот Буткевичиус го поддржа напредокот и напорите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО, поздравувајќи ги досегашните резултати и реформи кои ги реализира нашата земја и потенцираше дека Литванија активно дава целосна поддршка за реализација на европските и евроатланските интеграции на Македонија. Премиерот на Литванија повика на продолжување на дијалогот и зголемување на ангажираноста на двете страни во контекст на надминување на предизвикот за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Двајцата премиери разменија мислења и на повеќе други теми од билатералните и мултилатералните односи.