Груевски-Гедвилас: Поинтензивна парламентарна соработка во областите од заеднички интерес

Вo рамките на својата политичка посета на Република Литванија, претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, денеска(понеделник, 08.07.2013 година) оствари средба со претседателот на Парламентот на Република Литванија, г-дин Видас Гедвилас.

На средбата беше констатирано дека пријателските односи кои постојат помеѓу двете држави треба да се пресликаат и во поинтензивна парламентарна соработка во областите од заеднички интерес. Премиерот Груевски го изрази очекувањето дека парламентарната соработка со литванскиот Парламент ќе биде динамизирана дополнително во периодот што следува преку реализација на нови форми на соработка.

Премиерот Груевски изрази благодарност за силната поддршка на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија која ја дават парламентите од балтичките земји, кои за време на состанокот на Комитетите за европски прашања на националните парламенти на земјите членки на ЕУ (COSAC), кој се одржа во Копенхаген минатата година, покренаа заедничка декларација со која побараа брз старт на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија. Македонскиот Премиер го истакна позитивното значење на овој чекор кој претставува конкретна поддршка која Литванија и останатите земји ја даваат во процесот на нашето пристапување кон Европската Унија.

Премиерот Груевски истакна дека Македонија останува посветена на европската агенда, истакнувајќи ги четирите позитивни извештаи на Европската Комисија за напредокот на нашата земја и четирите препораки за определување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија, како и посветеноста и иницијативноста за надминување на отворените прашања кои ја попречуваат европската интеграција на Република Македонија.

Претседателот на Парламентот на Република Литванија, г-дин Видас Гедвилас констатираше дека двете држави развиваат одлична соработка која е добра основа за дополнително надградување на односите. Тој го поздрави напредокот и заложбите на Македонија на планот на ЕУ и НАТО агендата посочувајќи дека парламентарната соработка меѓу двете држави ќе донесе напредок и дополнително зближување на пријателските односи меѓу двете земји.