Средба на вицепремиерот Пешевски со членот на Одборот на ЕЦБ Асмусен

Актуелните економски случувања во Македонија и во Европа беа тема на средбата на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски со членот на Одборот на Европска централна банка Јорг Асмусен.

Вицепремиерот Пешевски го запозна Асмусен со активните мерки и проекти кои Владата ги презема со цел успешно справување со последиците и влијанијата од економската криза во Европа и одржување континуирана макроекономска стабилност.

- Економските случувања во Европската Унија внимателно се следат од страна на Владата со оглед дека најголемиот дел од македонските компании соработуваат и извезуваат со државите од Унијата. Охрабрува тоа што последните податоци покажуваат закрепнување на економиите во Европа, а исто така и македонскиот бруто домашен производ оствари раст во првиот квартал од 2013 година, истакна вицепремиерот Пешевски на средбата.

Тој посочил дека македонската Влада е силно фокусирана кон зголемување на растот на економијата и воедно подобрување на деловната клима и конкурентност со цел намалување на невработеноста и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани.

На средбата Асмусен ги презентираше позитивните искуства од заемната соработка помеѓу Европската централна банка и Народната банка на Република Македонија на проектот „Анализа на потребите на НБРМ“, кој е во насока на постигнување на стандардите за централните банки во ЕУ.  

- Соговорниците изразија задоволство за досегашната комуникација и соработка помеѓу институциите на Република Македонија и институциите на Европската Унија, односно Европската Централна Банка. Воедно, беше потврдена обостраната подготвеност за продлабочување на идната соработка, се вели во соопштението од кабинетот на вицепремиерот Владимир пешевски.