Банкарска гаранција од „Сахара груп“ за инвестицијата во „Џумајлија“

Индиската компанија „Сахара Индијан Паривар“ на милијардерот Субрата Рој го објави инвестицискиот план за Агрокомбинатот „Џумајлија“ каде за три години планира да вложи 200 милиони евра.
 
На прес-конференција во присуство на премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство Љупчо Димовски, Рој информираше дека е доставена банкарската гаранција со која 100 процентно ја потврдува инвестицијата.
 
Должност на компанијата е во првите 18 месеци по стапување во сила на договорот да отвори 900 работни места, а за три години 2.000.  За 1,5 година индискиот инвеститор планира да набави 8.000 крави, а за три години 20.000. Од вкупниот износ на инвестицијата за 18 месеци „Сахара Индијан Паривар“ е обврзана да вложи 60 милиони евра. Закупецот е должен да има производство на млеко со капацитет од 80.000 литри дневно и производство на 75.000 тони сточна храна до крајот на третата година, на површината од 5.353 хектари на Агрокомбинатот Џумајлија.
 
Стручни лица од Министерството за земјоделство, како што информира Димовски, уште утре, во соработка со претставниците на компанијата, ќе излезат на терен за го почнат процесот на воведување на земјиштето во владнеие, прва активност по депонирање на банкарската гаранција и формалното потпишување на договорот за што „Сахара“ изнајмила посебна геодетска компанија која ќе ја изврши обврската во што е можно пократок рок.

- Министерството и Владата работат на создавање услови за инвестирање и развој со цел продолжување на секоја иницијатива и план што ќе ги помогне земјоделскиот развој и иднината на земјоделците. Тоа е наша обврска, рече Димовски.

Државата, додаде, го гледа интересот на најавената инвестиција во можноста за отворање нови работни местса, развој на земјоделството, особено сточарството, како области во кои посветува големо внимание.

- Остануваме отворени за секаква соработка и помош за реализирање на оваа инвестиција или било која друга иницијатива чија цел е подобар живот за граѓаните, нагласи министерот.

Индискиот бизнисмен Рој најави дека планира да изгради современа млекарница од која ќе се извезуваат млеко и млечни производи покрај во Балканските земји и во Средниот исток, Северна Африка,... Подвлече дека покрај сопственото производство на сточна храна, ќе побарат од обилните земјоделци да одгледуват сточна храна за нив, за што ќе биде обезбедена современа технологија и квалитетни семиња.

- Земјоделците нема ништо да инвестираат, а нивното производство ќе биде зајакнато што дополнително ќе го зголеми нивниот приход. На овој начин сите 35.000 земјоделци во Македонија ќе имаат корист, рече Рој, посочувајчи дека млекарницата ќе содржи совршено точен систем кој ќе покажува евентуални болести, инфекции кај стоката и тоа млеко нема да се зема.