Тодоров:Успешно стартува проектот што ќе ја смени состојбата во центрите за дијализа

Изградба на нови простории за дијализа и целосна реконструкција на постојните, обезбедување современа апаратура согласно сите стандарди и набавка на нови, наместо досегашните нефункционални столови, се само некои од обврските на концесионерите кои идната недела и официјално ќе ги добијат лиценците за работа во овој сегмент од здравството.

Како што соопшти денеска ресорниот министер Никола Тодоров, проектот стартува успешно, а е повеќе од неопходен зашто треба да овозможи надминување на сегашната, катастрофална состојба во центрите за дијализа.

- Долго време, повеќе од десетина години, здравстевните власти добиваа сериозни критики бидејќи условите за дијализа во Македонија беа исклучително лоши. Многу од апаратите се стари, со над 25.000 часови, некои и со 30.000 до 40.000, голем е и процентот на пациентите со хепатит Ц, преку 80 отсто, посебно во Штип, Велес и Кочани, што дополнително ја усложнува состојбата, рече Тодоров на прес-конференција.

Министерот по влезот на концесионерите очекува многу поквалитетна услуга за регистрираните 1.400 пациенти кои одат и до три пати неделно на дијализа во вкупно 19-те центри низ државата.

На конкурсот објавен во мај годинава со кој беа опфатени 4 региони, од вкупно петте апликанти, најдобри понуди доставија Орка Холдинг АД Скопје и Метрополитен ДООЕЛ Скопје. По потпишувањето на договорите, согласно пропишаните критериуми, тие, меѓу другото, се должни да обезбедат и транспорт за болните во секој реон со најмалку една станица во секоја општина што досега не беше случај, како и да понудат соодветни услови за вработување кадар од јавните здравствени установи (ЈЗУ) со личен доход еднаков на последната плата.

Лажни се тезите, напомена министерот, дека вработените во јавните установи задолжително преминуваат во приватните, кај концесионерот. Тоа не е точно.

- Имаше доста шпекулации во јавноста околу ова, но одредбите се јасни. Вработените немаат обврска да преминат кај концесионерот, туку тој е должен да им понуди соодветни услови да преминат кај него. Вработените практично, имаат право на избор. Ако сакаат, ќе останат да работат во јавните здравстени установи и ќе бидат распределени според нивната стручна спрема, објасни Тодоров.

За оние што ќе преминат кај концесионерот, тој се обврзува да ја следи динамиката во однос на платите, пониска плата од онаа што дотогаш ја земале, вработените во јавната здравстена установа не смее да имаат, а дали ќе добиваат повисока е прашање на договор со концесионерот. Исто така, концесионерот мора да го следи евентуалниот колективен договор за зголемување на платите.

Во рок од две години, пак, ако сакаат, вработените кај концесионерот можат да се вратат во ЈЗУ.  

Орка Холдинг доби лиценци за вториот реон (Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево, додека Метрополитен ДООЕЛ Скопје за третиот (Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци, Струга и Охрид).

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со реакциите на Центарот за дијализа од Струга, Тодоров рече дека под концесија ќе биде даден само амбулантскиот дел, не и оној во кој се хоспитализирани болните.

- И ова беше резултат на шпекулацијата дека вработените мора да преминат кај концесионерот што е веројатно намерно креирано, рече министерот Никола Тодоров.

Трошоците за дијализа и натаму остануваат на товар на државата.