Груевски: Растот во туризмот резултат на фокусираноста и вложувањата во оваа гранка

Континуираниот раст на бројот на туристи во земјата е резултат на напорите и вложувањата од страна на Владата и нејзината силна фокусираност на ова прашање, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по денешната средба со партнерите од коалицијата „За подобра Македонија“.

- Задоволен сум што имаме континуирано зголемување на бројот на туристи. Еве веќе четири месеци по ред имаме пораст на бројот на туристи во земјата, гледано од месец оваа година со истиот месец од претходната. Последниот податок покажува зголемување за 11,2 отсто туристи што е одличен податок и ме радува. Тоа е резултат на многу вложувања и напори на Владата во оваа област. Како што знаете ние воведовме субвенционирање на турооператори, овозможивме земјиште за хотели да се продава евро за метар квадратен почетна цена. Овозможивме, исто така, други инвестиции во делот на туризмот. Навистина формирањето на комитет за развој на туризмот, кој што јас лично го водам дава резултати затоа што се преземаат многу мерки коишто веќе почнуваат да даваат ефекти за зголемување на бројот на туристи во РМ што пак за нас е прилив на девизи, како што се остварува од извозот, рече Груевски.

Според него, Македонија има голем потенцијал и понатаму да бележи раст на туризмот така што Владата ќе продолжи со напорите и преземените мерки во овој период.

- Сега за сега, имаме одличен тренд, многу сме задоволни, ја следиме состојбата. Тоа не е идеална ситуација, може уште да се подобри. Промоцијата која почнавме да ја правиме ќе ја продолжиме низ многу меѓународни медиуми и сите други соработки коишто ги остваруваме со сите релевантни институции преку телото за развој на туризмот во Македонија ќе продолжиме да ги правиме. Придонес во целата работа има и тоа што субвенциониравме и отворање нови авионски лини, донесовме закон за формирање на туристички развојни зони кои во иднина ќе дадат дополнителен инпут на целата работа. Мислам дека првпат во историјата на Македонија  во последните неколку години Владата има прилично силен фокус на туризмот и тоа дава резултати, рече Груевски.

Во однос на тоа како се одвива распределбата на ИПАРД фондовите премиерот Груевски рече дека објавен е конкурс за нивна распределба и граѓаните имаат можност неколку десетици милиони евра да ги добијат доколку ги следат прецизно постапките коишто ги наложува ЕУ преку ИПАРД Агенцијата во РМ.

- Тоа е одлична можност за нови инвестиции во земјоделството, инвестиции коишто половина ќе бидат вратени на тој што инвестирал. Меѓутоа нагласувам потребно е стриктно следење на постапките дадени од страна на Европската комија во однос на користење на овие средства. Се работи за огромен потенцијал кој што може да донесе нови капацитети во областа на земјоделството, на преработките на земјоделски производи, и во крајна линија да придонесе за зголемување на извозот, рече премиерот Груевски.

Конкурсот, додаде, е објавен и трае до 21 август и секој кој што има намера да врши вложувања во земјоделството и во преработка на земјоделски производи може да се јави на него, да поднесе апликација и согласно процедурите на ИПАРД и да добие можност половина од неговите вложени средства да му бидат вратени.

- Тоа ќе ја направи неговата инвестиција многу поисплатлива и попрофитабилна, а Македонија од сето тоа ќе добие нови капацитети во земјоделството, поголем извоз од земјоделството и подобра механизација, посочи премиерот Никола Груевски.