Државата ќе стипендира постдипломци на Френклин универзитетот од Охајо

 

Министерството за образование и наука ќе стипендира студенти за втор циклус академски студии од научното подрачје на општествените науки од областа на бизнис администрацијата (МБА студии) на Франклин универзитетот од Охајо. Наставата ќе се реализира на англиски јазик, од страна на реномирани професори од овој американски Универзитет во просториите на Економскиот факултет во Прилеп.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски информира дека конкурсот за добивање стипендии ќе биде објавен утре. За академската 2013/2014 година ќе бидат доделени 15 стипендии од кои пет се целосни во износ од 5.000 евра, а 10 стипендии во износ од 50 проценти од трошоците за школарина.

- Студиите се организирани и ќе се реализираат од страна на на Франклин универзитетот во Охајо, кој од 2010 година како странска високообразовна установа има одобрение за вршење високообразовна дејност на територијата на Македонија, рече Ристовски на денешната прес-конференција.

Додаде дека на овие студии може да се запишат студенти кои завршиле академски студии по прв циклус од соодветното научно подрачје во траење од три, односно четири години, со постигнат успех од најмалку 8, 50.

- Секој кандидат треба да достави диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех, потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен прв пат во прва година на студии од втор циклус во академската 2013/2014 година, од кога започнува семестарот и колку семстри траат студиите, уверение за познавање на јазик (ТОЕФЛ, ИЕЛТС, ДЕЛФТ), изјава дека не е корисник на стипендија за студиите од втор циклус од други даватели и уверение за државјанство на Република Македонија. Конкурсот е отворен до 1 октомври годинава, рече Ристовски.

Изборот на кандидатите ќе се врши врз основа на постигнатиот успех од првиот циклус на студии на кандидатот. При еднаков просечен успех предност ќе се даде на оние кандидати кои знаат повеќе странски јазици.

По завршувањето на студиите, кандидатите добиваат американска диплома (Мастер оф бусинесс администратион) од Франклин Универзитетот.

Директорот на МБА студиите на подружницата на Франклин универзитетот во Охајо во Република Македонија, Никола Димески истакна дека Франклин Универзитетот е непрофитабилна организација и дека целта е да се донесат најдобрите студии во Република Македонија.

Димески додаде дека студентите ќе имаат можност да бидат обучувани од реномирани професори, кои имаат искуство во реалниот сектор. Тој нагласи дека еден од условите за прием на професори во овој реномиран универзитет е и минимум 10 години искуство во реалниот сектор. Студиите траат вкупно 22 месеци, се изучуваат 10 предмети, а наставата се одвива  онлајн и преку класични предавања.

Ова е втор пат државата да стипендира суденти на овој Универзитет. Првпат во академската 2011/2012 година беа доделени пет стипендии. Оваа академска година биле запишани вкупно 11 струденти кои, како што информираше Димески, во август треба да дипломирааат.