Засилени институционалните активности за поголемо искористување на ИПАРД

Надлежните институции ги засилуваат активностите за што поголемо искористување на ИПАРД средствата чија реализација досега е 12,7 отсто. 

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими кој денеска ја посети Агенцијата за финансиска поддршка  во земјоделството и руралниот развој, најави интензивна координација на високо ниво со цел надминување или подобрување на констатираните предизвици во овој сегмент.

Ќе се разговара, рече, за искуствата од изминатите седум ИПАРД огласи.

- Свесни сме дека моменталната состојба може многу да се подобри, затоа ги зајакнавме сите аспекти на координација, изјави Бесими пред средбата со директорот на Агенцијата Тони Димовски.

Според него, Македонија не е исклучок во однос на ИПАРД искористеноста. Но, многу е битно што кај нас функционира децентрализираниот систем на управување со средствата, сами водиме сметка за тоа како се трошат парите. Од друга страна, тоа носи големи предизвици. 

За поголема искористеност на европските средства, вицепремиерот смета дека се неопходни низа системски и оперативни мерки, поголема транспарентност, визибилност и комуникација околу проектите и аплицирањето, како и поголема промоција на активностите во оваа насока. Потребна е и поголема координација, директна вклученост на министрите, нивните заменици и државните секретари.

- Целта е да ги подготвиме администрацијата, институциите, стопанството и корисниците за европските фондови кои во иднина, со нашето членство во ЕУ, ќе бидат значајна поддршка за економскиот и развојот на земјоделството. Од почетокот, кога е дефинирана ИПАРД Програмата, се определивме за инвестирање во сопствените капацитети. Тука има значителен прогрес, истакна Бесими.

Агенцијата предвидува дека последниот, осми ИПАРД оглас, ќе биде поуспешен од досегашните седум зашто во него се имплеменитрани измените, подобрувањата на програмата. Како што нагласи директорот Димовски, значајна новина е постепеното достигнување на европските стандарди во период од три години по извршувањето на последната исплата што досега не беше случај.

- Со измените на Програмата се нудат повеќе можности за апликантите кои претходно не можеле да бидат опфатени поради несоодветноста. Подобрени се процедурите по кои функционира Агенцијата, обезбедувањето на неопходната документација. Има и повеќе активности на терен за запознавање на јавноста со зголеменото кофинансирање, како и со бенефитите од неговото користење, рече Димовски, додавајќи дека сумите за некои мерки се двојно, а за некои и тројно зголемени што ќе даде нов импулс во искористувањето на ИПАРД.

Со банкарскиот сектор кој е клучен за обезбедувањето финансиски средства, соработката е интензива. Има и нови аранжамани во делот на осигурувањето на банките при пласманот на средства во ИПАРД инвестиции.

Од ИПАРД Програмата 2007-2013 година проектирана на вкупно 85 милиони евра, заклучно со 2011 година склучена е спогодба за 47 милиони. Во постапка е потпишување нова, за 2012 година, од 17 милиони евра, која ќе финализира за неколку недели.