Реконструиран Геронтолошки завод во Скопје

Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посетија Геронтолошки завод „13 Ноември“ по повод завршувањето на реконструкција на оваа јавна здравствена установа.

- Како што ветивме, ја почнавме и ја завршивме реконструкцијата на оваа установа која беше во исклучително лоша состојба. Се инвестираа околу 800 илјади евра или околу 55 милиони денари. Направена е темелна реконструкција, сменети се подовите, плакари, прозорци, врати, санитарни јазли и се друго што требаше да се смени, изјави Груевски по посетата.

Министерот Тодоров потсети дека реконструкцијата почнала пред една година. -Се работи за темелна реконструкција на внатрешната инфраструктура. Оваа здравствена установа има околу четири илјади метри квадратни и тука се даваат здравствени услуги од геријатриска област. Оваа институција е изградена на почетокот на осумдесетите години и од тогаш воопшто не била реконструирана, рече Тодоров.

Комплетно се реконструирани сите четири ката, кујната по ХАСАП-систем, променети се сите прозорци и врати со што, како што рече, се внимава на енергетската ефикасност. Променета е целата електрична инсталација и инвентарот, плакари, шкафови, дотраена дрвенарија...

- Во секоја соба е инсталиран систем за повикување сестра, со посебна конзола во сестринската соба. Во секоја соба е направен тоалет, со што сериозно се подигнува стандардот на функционирање на оваа здравствена установа. Со реконструкцијата, оваа здравствена установа влегува во здравствените установи што ги исполнуваат највисоките стандарди за сместување од инфраструктурен аспект. Исто така изминатиот период во оваа здравствена установа имавме повеќе вработувања и на тој начин го зајакнавме кадровскиот потенцијал со што полесно и на поквалитетен начин може да се одговори на предизвиците од медицината, истакна Тодоров.

Во Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ има вкупно 330 кревети, а годишно околу 2.000 хоспитализации.