Во Брисел средба Попоски-Венизелос

Перспективите за напредок во евроинтеграциите под тековното литванско и следното грчко претседавање со ЕУ, изгледите за динамизирање на дијалогот околу разликата за името, перцепциите за различната политичка приоритетност на спорот во двете земји и ефектите од должничката и економската криза на билатерално и регионално ниво се темите на кои денеска во Советот на Европската унија во Брисел разговарале министерот за надворешни работи Никола Попоски со грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос.

Како што соопшти МНР, на оваа прва средба меѓу двајцата министри Попоски ги истакна заложбите за интензивирање на македонско-грчките односи, потребата од зголемена посветеност на политичко ниво на Атина и користа од отворен пристап и непречен проток за луѓето, бизнисите и идеите меѓу двете земји.

- Главна цел од наша страна беше да видиме придвижување по однос на главните прашања и да добиеме одговори по однос на тоа дали Грција планира да покаже на дело дека е посветена на продолжување на процесот на проширување со овозможување на почеток на преговорите со ЕУ и воедно на другото клучно прашање, односно дали се подготвени да покажат политичко ниво на посветеност, не проформа средби, туку вистински, суштински средби со политички мандат онака како што беше предложено на премиерско ниво за надминување на наметнатиот спор околу името, изјави за МИА Попоски подвлекувајќи дека средбата со Венизелос била иницирана од македонска страна по неговото стапување на функцијата потпретседател на грчката Влада.

- Мислам дека само врз основа на одговорите кои ќе ги добиеме на овие прашања можеме да судиме колку навистина постои посветеност. Во овој момент конкретни одговори на овие прашања немаме. Мислам дека е неопходно да се пристапи целосно кон надминување на овие опструкции од кои Република Македонија не може да продолжи во евроинтеграциските процеси, вели Попоски по средбата со грчкиот колега.

Министерот за надворешни работи Попоски престојува во работна посета на Брисел, по повод 10. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.