Џафери: Нашите мировници се најголеми амбасадори на Република Македонија

„Република Македонија недвосмислено се залага за етаблирањето на мирот, демократијата, еднаквоста и меѓусебното почитување на глобално ниво, а несомнен доказ за тоа сте токму вие, нашите мировници кои со својот ангажман го покажувате тоа на дело и „де факто“ овозможувате нашата држава да ги достигне споменатите вредности“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери на свеченоста по повод враќањето на 14 ротација на АРМ во силите ИСАФ која се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

На свеченоста на која присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески и амбасадорот на САД, Пол Волерс, министерот Џафери додаде дека самите факти говорат за вештините, посветеноста и професионализмот на мировниците во извршувањето на одговорните задачи во мисијата.

„Нашите мировници покажуваат неизмерна храброст која е круцијална карактеристика на секој војник“, посочи министерот Џафери.

Генералот Котески во своето обраќање до мировниците, нагласи дека и покрај големата ризичност и работењето во тешки услови, нашите војници водени од желбата за афирмација на Република Македонија, покажаа храброст и посветеност и успешно ја завршија доверената мисија.

Воедно, генералот, во контекст на идниот ангажман на АРМ, истакна дека заложбите на Армијата во новата фаза на стабилизацискиот процес на Авганистан, од 2015 година, се да се продолжи со мисијата која ќе биде насочена кон обука, менторство и асистенција на авганистанските безбедносни сили.

На свеченоста по повод пречекот на контингентот од АРМ кој беше дел од силите ИСАФ, амбасадорот на САД, Волерс изрази големо задоволство за успешно завршената мисија на нашите мировници и ја искористи ова прилика уште еднаш да ја истакне големата поддршка на САД околу влезот на Република Македонија во Алијансата.

„Потребата за поддршка на мировните операции предводени од Обединетите Нации само се зголемува и дава голема можност АРМ да ја покаже својата извонредна професионалност и воена умешност на глобалната сцена“, рече Волерс.

На новинарско прашање, дали Република Македонија испраќа неподготвени војници во мисии, министерот Џафери одговори дека во рамките на Алијансата не постои такво убедување, и дека доказ за тоа се пофалните зборови кои доаѓаат од Командата на ИСАФ.

Во однос на прашањето, генералот Котески, посочи дека Генералштабот и командите ќе продолжат со квалитетна подготовка на единиците кои се упатуваат на мировните мисии.

Во изминатите шест месеци припадниците од контингентот извршуваа задачи за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул, како и останати задачи во зависност од потребите на мисијата.