Годишни конференции на Агенцијата за иселеништво и на ОМД

Врската на македонската дијаспора со татковината е нераскинлива и жива. Македонија е исправена пред нови предизвици, а ние како Влада сметаме на дијаспората во тој наш поход кон успесите, изјави премиерот Никола Груевски на отворањето на Четвртата Годишна конференција на иселеничките организации што во организација на Агенцијата на иселениците се одржува во Скопје.

- Ние докажавме дека со конкретни дела реализираме мерки кои се оденсуваат на дијаспората и го подобруваат нејзиниот статус, но и сметаме на нејзиниот кадровски потенцијал што го докажавме со инклузија на голем број лица кои подолг или пократок период работеле во дијаспората, во македонските институции и тоа на клучни места на позиции на министри, директори и останати значајни позиции. Го остваривме нашето ветување и овозможивме право на глас на дијаспората. Бевме силно критикувани за тоа, но верувавме во исправноста на поставената цел и успеавме. Денес секој македонски државјанин каде и да живее во светот има полно право да учествува во политичкиот живот на земјата да избира или да биде избран на парламентарните и претседателските избори согласно законот кој го донесовме, потенцира премиерот Груевски.

Тој посочи на многу проекти од областа на промоција на културата и идентитетот што ги поддржува и спроведува Владата, а особено за промоција и зачувување на македонскиот јазик. Се осврна и на реформите кои Владата ги спроведува со цел Македонија да биде поконкурентна како земја која ги исполнува модерните стандарди, но и конкурентна, вели, како нација која излегува надвор и влегува во позитивен натпревар со останатите нации. Во тој контекст, посочи, образованието и создавањето на претприемачкиот дух се приоритети во кои најмногу се инвестира.

- Зацврствувајќи ги врските со дијаспората не само што обезбедуваме зачувување на македонскиот идентитет и идентитете на заедниците кои живеат во Македонија, туку истовремено овозможуваме и вклученост на иселениците во актуелните реформски процеси во Македонија како значен предуслов за развој на државата. Владата продолжува со поддршка на македонските малцинства насекаде во светот и секогаш на конструктивен начин и во рамките на меѓународната соработка со соседите. Патоказ за тоа ни се европските конвенции и меѓународните акти за човековите права и слободи. Исто како што во Македонија овозможивме целосно остварување на правата на етничките заедници, така ќе продолжиме да се залагаме и македонското малцинство во согалсност со европските начела да се добие и да ги унапреди основните права на негување на културниот идентитет и практикување на мајчиниот јазик во образованието и информирањето, порача премиерот Груевски. 

Директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Васил Наумов во своето излагање истакна дека на конференцијата присуствуваат 117 претставници од 154 иселенички организации од Европа, Австралија, Канада и од САД, како и 21 претставник од седум организации на македонското малцинство во регионот. Учествуваат и претставници на иселенички организации од сите етнички заедници и од сите конфесии, со што двојно е зголемен бројот на учесници на овој собир од минатогодишниот.

-  Зад овие 154 организации кои испратија претставници стојат најмалку 250.000 иселеници кои се организирани во тие организации. И во Собранието има претставници од дијаспората. Вашето присуство тука е доказ дека македонските иселеници се нераскинлив дел од македонското ткиво и дека сакаат да учествуваат во економскиот, политичкиот и културниот живот на земјата, односно дека сакаат да го зачуваат својот идентитет, рече Наумов.

Инаку, Наумов се обрати и на отворањето на 4. Глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора која првпат годинава се одржува во Скопје. Според него, ОМД е една од поновите организации на македонските иселеници која за овој краток период со начинот на дејствување и со користењето на современите алатки за комуникација и ширење на информациите, со темите кои ги наметна меѓу дијаспората се наметна како значаен фактор во македонската дијаспора не само кај македонските иселеници, туку и кај македонските малцинства. Тој упати апел ОМД во иднина покрај заложбите за промоција на македонските интереси и ангажирањата во делот на стратешките цели поголемо внимание да посвети и на зачувувањето на македонскиот јазик како значајно обележје на идентитетот.

Тој потенцира дека одлуката двете конференции да се одржат на исто место и во исто време била донесена во координација помеѓу Агенцијата за иселеништво и ОМД со цел, како што рече, да се овозможи иселениците кои се дојдени во Република Македонија согласно своите интереси да присуствува на дебатите и дискусиите на една од двете конференции.

Мето Коловски, претседател на ОМД, на прес-конференцијата по отворањето на 4. Глобална конференција појасни дека ОМД не е паралелна организација на ниту една друга организација во светот. Посветени се на нивната мисија на зачувување на интересите на Македонците во светот преку нивните ограноци, а во својата активност соработуваат и со други организации македонски иселенички организации кои учествуваат на двете иселенички конференции кои денес се одржуваат во Скопје.

- Конференцијата на Агенцијата за иселеништво е владина, а ОМД е невладина институција и фокусот на нашата конференција е на научниот аспект на Букурешкиот договор и последиците од него врз Македонија. Дефинитивно работиме на тоа што повеќе да се продлабочи врската помеѓу владините и невладините сектори оти наши партнери во организирање на конфернцијата се покрај Агенцијата за иселеништво и невладии организации и образовни институции како Филозофскиот факултет, подвлече Коловски.

На конференцијата на ОМД се обрати и поранешниот министер за надворешни работи и претседател на 62. Генерално собрание на ОН, Срѓан Керим, кој осврнувајќи се на темата на конференцијата порача дека историјата е важна за сите бидејќи учиме од неа, но најважни се вели, резултатите.

- Во 1878 година имало Берлински когрес и да можеле делегатите на Конгресот некако од всленетата или незнам од каде во 1997 година на 1 јули да го гледаат Берлин чудо би ги снашло бидејќи таа Македонија што тие ја избришале тогаш, токму на тој ден отвори Амбасада во Берлин и тоа како прва од 123 држави во светот. Затоа велам дека резултатот е важен и затоа мислам дека Винстон Черчил бил во право кога рекол дека во судирот помеѓу минатото и сегашноста секогаша страда иднината, а ние тоа не смееме да си го дозволиме. Треба да гледаме напред, да учиме од историјата, но не да бидеме фрустрирани, рече Керим.

Тој говореше и за најважните предизвици за Македонија - членството во ЕУ и НАТО и пречката на тој пат, спорот за името.  

- Македонија ќе влезе и во ЕУ и во НАТО, тоа го тврдам смело, но има прашања кои треба да се решаваат и се решливи. Во дипломатијата нема никогаш не и не можам, дипломатијата не ги признава тие пристапи, туку е скогаш тука да послужи да најде решение за најтешките проблеми. Пример во непосредното соседство се Србија и Косово. Но, секогаш е прашање кој пристап ќе се одбере, а реален и возможен е вин - вин пристапот. Ние со Грција можеме и ќе најдеме заеднички јазик да се реши тој спор бидејќи тоа почнува полека и да не фрустрира што е разбирливо затоа што минува времето, а ние стоиме во место. Но, тоа не значи дека ние треба да се редуцираме на тоа прашање. Ние мораме да си ја градиме државата и општеството согласно барањата на нашите граѓани. Ние мора да градиме национално единство, тоа е ноторна вистина и потреба, порача Керим.  

На дводневната конференција на Агенцијата на исленици клучна тема е 100 години од Букурешкиот договор, а ќе се дебатира и за залување на јазикот и културата на македонските иселеници и на иселениците на малциснтавата, како и проблемите со кои се соочуваат.

На Четвртата годишна Глобална конференција на ОМД, на која присуствуваат учесници од 27 држави, како и од малцинставта од регионот, исто така клучна тема е Букурешкиот договор. Во работниот дел на конференцијата, кој ќе трае до сабота, 27-ми јули ќе учествуваат 40-тина експерти од 12 држави во повеќе тематски блокови кои ќе се фокусираат на изминатите 100 години од македонската историја, но и на насоките и идеите за иден развој и добробит на македонскиот народ и можниот придонес на македонската дијаспора во него. 

Инаку, ова е прв пат Глобалната конференција на ОМД да се одржува во Македонија. Се проценува дека за организирање на конференцијата ОМД и учесниците ќе придонесат во државата со 350.000 долари, со што вели Колоски, и на овој начин се помага татковината.