Отворено Одделение за непосредна социјална заштита во Дојран

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на Дојран Борче Стамов, денеска го отворија Одеделението за непосредна социјална заштита, што ќе работи како посебна организациона единица на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гевгелија.

Министерот Спасов истакна дека  отворањето на одделението за подрачјето на општина Дојран е резултат на воспоставената соработка меѓу општината и Министерството за труд и социјална политика.

- Министерството за труд и социјална политика во континуитет го унапредува системот на социјалната заштита и презема мерки за поефикасна заштита на граѓаните кои се во социјален ризик. Во оваа насока, посебно внимание се посветува на зголемувањето на достапноста на социјалната заштита и социјалната работа во местото на живеење на граѓаните и промовирање на пристапот на социјална работа во локалната заедница преку отворање на подрачни Одделенија надвор од седиштата на центрите за социјална работа. На овој начин на граѓаните им се овозможува побрз, поефикасен и поекономичен пристап за остварување на правата коишто им следуваат согласно Законот за социјалната заштита, рече Спасов.

Посетата на општина Дојран, министерот за труд и социјална политика ја искористи и да го посети објектот предвиден за отворање градинка.