Канческа-Милевска се сретна со унгарскиот колега Шимон

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Спомен домот на браќата Миладиновци во Струга оствари средба со Ласло Шимон, претседател на Комитетот за култура на Парламентот на Унгарија.

На средбата, како што соопшти кабинетот на министерката, беа потврдени добрите релации кои во областа на културата ги негуваат двете земји, а стана збор и за потпишување програма за културна соработка меѓу Македонија и Унгарија со која во наредниот период треба да се интензивира соработката и размената на проекти и уметници меѓу институциите.

Канческа-Милевска  својот унгарски  колега, кој е гостин на 52-то издание на „Струшките вечери на поезијата“, го информираше и за активностите и инвестициите на Владата во областа на културата. Претседателот на Комитетот за култура на Парламентот во Унгарија, од своја страна, пак изрази задоволство што во проектот на Владата на РМ, „Ѕвезди на светската книжевност“ се застапени дела и неколку познати унгарски автори меѓу кои и на еден од најголемите унгарски поети Шандор Петефи.

Шимон упати покана до министерката за култура во октомври годинава во Унгарија да биде гостин на меѓународната конференција која ќе биде посветена на размената на искуства во областа на државното финансирање на културата.

По средбата, Канческа-Милевска и Шимон присуствуваа и на откривање биста на унгарскиот поет Шандор Петефи која е донација од Министерството за култура на Унгарија.

Република Македонија и Унгарија негуваат традиционално добри односи во културата. Во изминатиот период со поддршка на Министерството за култура беше забележано учеството  на ансамбли и поединци од Македонија на значајни фестивали во Унгарија меѓу кои се настапот на Градскиот мешан хор Гортинија од Гевгелија, настапот на ансамблот на народни инструменти „Стефче Стојковски“ во рамките на манифестацијата „Печуј град на културата за 2010 година“, НУБ Свети Климент Охридски се претстави со изложбата „Современо македонско творештво“, како и самостојната изложба на на уметникот Сергеј Андреевски...

Унгарските уметници учествуваа на повеќе манифестации во Република Македонија, а од особено значење е учеството на унгарските поети на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата.