„Празна продавница – полно срце“ хуманитарна акција за донирање облека

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и лица од јавниот живот ја подржаа акцијата со наслов „Празна продавница- Полно срце“ која од денеска до 23 септември се организира во трговскиот центар Скопје Сити мол.

Тие ги повикаа граѓаните да ја поддржат хуманитарната акција во организација на Црвениот крст и Сити мол која за прв пат се случува кај нас.

-Преку оваа акција „Празна продавница- Полно срце“ се овозможува на директен начин граѓаните да ја изразат својата хуманост. Во исто време на брз, ефикасен и достапен начин им се овозможува да ја донираат својата облека која им е вишок и со тоа да им помогнат на оние кои се наоѓаат во тешка состојба. Од тука би сакал да ги повикам сите да се приклучат во оваа акција и да бидат хумани, истакна министерот Спасов и додаде дека како волонтер на Црвениот крст ќе донира и во иднина.

Волонтерите на Црвениот крст ќе бидат задолжени да ја примаат донираната облека која ќе биде наменета за сите загрозени семејства од целата држава.

Сите заедно упатија порака: Да ја исполниме заеднички Празната Продавница и да ги наполниме срцата на оние помалку среќните.