Министерката Канческа-Милевска ја посети Хераклеја

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ денеска го посетија локалитетот Хераклеја каде што во изминатиот период археолозите открија голем број значајни наоди.

Како што е наведено во соопштението од Министерството за култура, во изминатите шест години овој антички локалитет, основан од Филип Втори Македонски, поради своето огромно значење, е дел од капиталните проекти финасирани од Владата на Република Македонија.

Со годинашните археолошки ископувања во Хераклеја, кои се реализираа со поддршка на Министерството за култура, акцент е ставен на доистражувањето на новата базилика од ранохристијански период, впечатлива архитектонска градба, која со својата големина го потврдува значењето на градот како мошне развиен епископски центар во ранохристијанскиот период. Освен маркантните димензии, при ископувањето на базиликата, по 40 години, откриен е нов зачуван раскошен мозаик во нартексот.

Министерката за култура при посетата истакна дека овие мозаици, по кои е препознатлива Хераклеја, се многу возбудливо откритие и се од исклучително значење за збогатување на сознанијата во македонската археолошка наука. Таа додаде дека со годинашните ископувања се инвентаризирани над 400 наоди, многу фрагменти од фрескоживописи, фрагменти од керамички садови и многу монети, чија анализа ќе ја трасираат временската рамка на базиликата. 

Во септември археолозите ќе ги започнат и археолошките ископувања на некрополите во Хераклеја, ќе се истражува на парцела откупена од Министерството за култура на Република Македонија, простор кој досега не бил истражуван.

Во битолскиот регион, кој е богат со културно наследство, преку Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, со поддршка на Министерството за култура, годинава се реализираат и други значајни проекти, меѓу кои се и истражувачки  работи и изработката на проект за конзервација на црквата „Св. Ѓорги“ во с. Курбиново, конзерваторско  и реставраторски работи  на црквата „Св. Богородица“ во с. Велушина, археолошки ископувања на неолитската населба Тумба во с. Велушина и други.