Груевски: ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука во интерес на државата

ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука во интерес на државата и по цена на сопствена штета да гласа и да потпише извештај на ат хок Комисијата каков што сака СДСМ, изјави  вечерва на прес-конференција, Никола Груевски.

- Нека ги напишат нивните правни квалификации на кои застанавме, и ако тоа ги исполнува, не со надгласување, туку ние ќе им ги изгласаме заедно со нив. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив, нагласи Груевски.

Тој додаде дека во интерес на државата како партија со најголема доверба од народот и партија која неслучајно седум пати по ред ја добива довербата на мнозинството граѓани, како што рече, „ќе подметнеме грб“ и се ќе изгласаме и се ќе им потпишеме.

- Ако не може да се израдуваат на изборен резултат, нека се радуваат барем на овој извештај на кого никој нема да му верува во делот на правните квалификации, додаде Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им остави уште простор на СДСМ за да се распишат предвремени парламентарни избори.

- Ако по оваа прес-конференција, до утре СДСМ се предомислат за предвремени избори, нека јават и нашите пратеници ќе пристигнат, заклучи Груевски.

Премиерот денеска посочи и дека СДСМ бега од избори како „ѓавол од темјан“.

Вчера премиерот предложи, СДСМ да изгласа било каков извештај од Комисијата, кој ќе биде партиски. Втората алтернатива беше да се потпишат два извештаи, по што ќе се оди на избори.

- Вчера ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмираше својата позиција во однос на настаните од 24 декември минатата година каде  јасно кажавме дека нашата позиција и тогаш и сега и тоа е наш конечен став е дека на 24 декември СДСМ во неколку наврати го прекрши Уставот во обид за насилно преземање на власта и создавање хаос од кој тие се надеваа дека ќе излезат со политички профит за нивната партија и пред се за креаторот на настанот, истакна Груевски.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ делуваше во правец на одбрана на Уставот и демократските вредности и институциите постапија согласно Уставот.

- Тоа е вистината која и најголемиот број граѓани ја препознаа и не беше случајно што три месеци подоцна по 24 декември иако СДСМ целата своја изборна стратегија ја темелеше на база на наше обвинување пред народот дека на 24 декември сме го прекршиле Уставот и законите загуби со резултат 58:4 или 140.000 гласови разлика, нешто што досега не се забележало во било кои локални избори на Македонија, истакна тој.

Потсети дека на крајот како излез од ситуацијата ВМРО-ДПМНЕ предложи две алтернативни решенија.

- Едното ат-хок Комисијата да изгласа каков сака извештај со 3:2 и на тој начин иако тоа за нас ќе биде партиски извештај ќе го запазиме интересот на Република Македонија во однос на Европската унија и опасноста од губењето на препораката од ЕК доколку нема извештај од Комисијата за 24 декември. Второто, да потпишеме две верзии на извештајот за 24 декември и тоа едната според нашето, другата според нивното видување и да одиме на избори веднаш. Изборите да завршат пред објавувањето на извештајот на ЕК па на тие избори нека реши народот кого ќе поддржи и чии квалификации ќе се конечни, додаде Груевски.

Во текот на преговорите, рече дека понудиле и многу други опции, меѓу кои и за тоа кој го прекршил Уставот да се изјасни Уставниот суд.

Од страна на меѓународната заедница, посочи Груевски, беше даден и еден предлог да се изгласа дека извештајот заеднички го усвојуваме, но во делот на правните квалификации имаме различни мислења, ни беше кажано дека тоа е прифатливо за Брисел.

- Понудивме и над 70 конкретни формулации во кои имаше доволно простор за СДСМ да не се најде осамена. Се одбија. Денеска доцна попладне на прес-конференција СДСМ преку Радмила Шекеринска категорично ја одби можноста од алтернативата за предвремени парламентарни избори. Додаде и дека со сите сили ќе се спротивстават на оваа идеја, со сите расположливи средства. Додаде и ако има такви избори тие ќе ги бојкотираат и ќе се трудат да ги попречат, нагласи Груевски.

На сите им е јасно, истакна тој, дека вистинската причина за ваквиот став е што СДСМ знае дека нема поддршка од големото мнозинство граѓани, ниту за ставот за 24 декември, ниту за останатите нивни политики и активности.

- Оваа Бранкова гарнитура на СДСМ неповратно и со право ја загуби довербата, довербата на граѓаните и дополнително секојдневно ја губи со водењето на деструктивни за државата политики, политики каде почетна точка е нивниот личен, а потоа и партискиот интерес, а не државниот и заедничкиот интерес, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде оти од стравот дека катастрофално ќе ги загубат изборите е вистинската причина, а не измените на Изборниот закон.

Потсети дека со многу полош од овој Закон во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција во 2006 победи и формира влада. - Оттогаш па наваму четири пати го подобрувавме и менувавме законот согласно сите стандарди и укажувања, ама се уште, се уште не сме направиле закон со кој СДСМ ќе мора да победи макар и народот да не го сака тоа, рече тој.

Македонија, подвлече, е неповратно внесена во демократија и нема сила, нема сила што може да го спречи народот ако реши некого да го смени или да го доведе на власт да не го направи тоа.

Според него, јасна е и бруталноста со која ја отфрлија оваа алтернатива, давајќи до знаење дека со сите средства ќе се борат да ги спречат тие избори. - Така, на 24 декември минатата година беа решиле со сите средства да го блокираат Парламентот и насилно да ја преземат власта. Тие средства повремено ги нарекуваат и демократски средства, рече Груевски. 

Во однос на втората алтернатива, како што истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, каде понудивме да не надгласаат во Комисијата и да донесат каков сакаат извештај, само со цел Република Македонија да не трпи штета, добивме еден збунувачки одговор. - Имено, одговорот е дека извештајот морало да биде со консензус изгласан и само така ЕУ ќе го прифатела, додаде тој.

Ако е така, праша Груевски,  зошто цели шест месеци СДСМ не дозволуваше да се формира оваа ад хок Комисија и зошто на Македонија и утепавте цели шест месеци за тоа вие да го предложите третиот член, а извештајот морало да се усвои со консензус?

- Откога се формираше Комисијата, ние предложивме во Деловникот да стои дека одлуките се донесуваат со консензус. Категорично не одбивте. Го имаше тоа и во медиумите и има ваши јавни изјави. Го прифативме и тоа, и на крај заеднички усвоивме Деловник за работа на оваа ад хок Комисија, во кој се прифати Комисијата да работи со надгласување, нагласи претседателот на најголемата владејачка партија.

Народот, како што рече Груевски, не е виновен што имаме ваква опозиција која е целосно дезориентирана и крајно деструктивна. 

- Сепак, во една ваква ситуација, народот, граѓаните со право би рекле, па ние ви ја дадовме довербата вам, а не ним, и сега вие справувајте се со нив. И тоа е така. Наша е одговорноста за решавање на проблемите, вклучително и оние кои ги создава СДСМ, и нема бегање од тоа. Ние сме тие кои ни е доверена улогата да ја чуваме и заштитиме државата во вакви ситуации, и да ги спречиме штетите кои сите би ги почувствувале, рече тој.

Препораките во извештајот за кои немавме разлики доколку и нив не ги изменат, како што рече, ќе ги спроведат доследно, онака како што ги договориле.

- Препораките треба да се во функција да не се повтори овој настан, и тоа е она што Брисел најмногу го интересира. Правните квалификации, за кои пак најмногу е заинтересирано ова изгубено во просторот и времето раководство на СДСМ, ќе ги изгласаме и потпишеме  по нивни терк, но нашиот став никогаш нема да го промениме. Тој дел од извештајот за нас и за мнозинството граѓани во Македонија ќе биде невалиден, потпишан под уцена, и тоа уцена од која штета би имала Република Македонија, и сите нејзини граѓани, додаде Груевски. 

На крајот од прес-конференцијата подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш во преден план го имал интересот на Македонија и дека тоа така ќе остане.