Промовирани неколку капитални инфраструктурни проекти во Прилеп

Премиерот Никола Груевски заедно со министрите за култура, транспорт и врски и за образование, Елизабета Канческа Милевска, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во придружба на градоначалникот Марјан Ристески, денеска во Прилеп промовираа неколку капитални инфраструктурни проекти значајни за тој град.

За време на престојот во Прилеп, претседателот на Владата на Република Македонија ги пушти во употреба патот до манастирскиот комплекс „Трескавец“, училишната спортска сала во средното општинско училиште „Ристо Ристески Ричко“, а постави и камен-темелник на уште една сала во ОУ „Добре Јованоски“. Двете сали се со идентични димензии на површина од 1.300 метри квадратни, со капацитет од 400 седишта според европски стандарди, чија вредност изнесува 40 милиони денари.

- Во многу градови и региони во Република Македонија долги години наназад не се вложувале средства за изградба на спортски игралишта, спортски сали и други спортски објекти. Потврда на оваа констатација се и огромниот број на училишта кои и денес немаат своја училишна сала или, пак, имаат импровизирани сали кои не ги задоволуваат ниту најосновните услови за нормално одвивање на часовите по физичко образование на учениците. Но, оваа Влада ја промени таквата состојба, а градот Прилеп е дел од таквата реалност, рече премиерот Груевски.

Тој го промовираше и новоизградениот сообраќаен влез во градот од страната на Скопје, односно реконструкцијата на улицата „Александар Македонски“ кај бензинскете пумпи на „Лукоил“ и „Макпетрол“ која е во должина од околу 800 метри.

Овој комплексен зафат, посочи премиерот, во себе имаше вклучено проширување на коловозните ленти, замена на асфалтните површини, уредување на пешачките и велосипедските патеки и осветлување.

- Со завршувањето на првата фаза чија вредност изнесува околу 500.000 евра обезбедени преку Светска банка ќе се започне со изградбата на втората фаза  до крсносницата „Солидност“. Со комплетната реконструкција на оваа улица ќе се подобри безбедноста и комфорот во сообраќајот и ќе се овозможи современ транспорт и комуникација. Впрочем, на сите нас ни е добро познато дека добрата инфраструктура е основа за забрзан економски развој. Тој е еден од основните предуслови за да безбедиме влез на странските и домашните инвеститори при носењето на нивната одлука да инвестираат во Република Македонија, додаде премиерот Груевски.