Презентирани дополнувањата за изменување на Законот за лекови и медицински помагала

Дополнувања кои ќе оневозможат определени малверзации во системот се направени во новиот изменет текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на втората јавна расправа по повод Предлог-законот на која учествуваа претставници на веледрогерии, клиники, лекарски комори и асоцијации. Дополнувањата, како што посочи, се направени имајќи ги предвид дискусиите од претходната јавна расправа.

- Измена која ја направивме, а не беше во претходниот текст, е во член 4, каде што направивме едно техничко подобрување на постојното законско решение за акумулирање на маржата поради појасно дефинирање, а исто така тука е вметнат и паралелниот увоз на лекови. Во членот 6 е најкрупната измена, а тоа е суштината на паралелниот увоз. Тука имаме внесено повеќе работи од оние што ги имавме претходниот текст кој го имавме понудено, каде овие работи беа уредени во два члена, еден кој воопшто не беше предмет на измена (80 б), а сега се е ставено во еден член заради подобра прегледност, рече Тодоров.

Во член 13 е додаден нов став, со кој се предвидува за проверка на контраиндикациите, несаканите ефекти или интеракциите на лекови, лекарот и фармацевтот да го користат националниот систем за електронски евиденции во здравство.

Според Тодоров, една од клучните е точката 14, каде според измените, лекот мора да дојде во таква форма и пакување како што е купен, а потоа во Македонија да се  прават сите овие промени, кои мора да бидат со стикер и со упатство кое ќе биде од надвор на лекот и нема да смее да се отвора кутијата.

Тој појасни дека една од покрупните измени е времетраењето на одобрението за увоз на лекот, кое било поставено на 5 години првично и сметале дека е подобро да се оди со рокот од 2 години.

- Има измена и во членот 9, каде наместо досегашните 800 жители, сега се размислува, аптека да може да се отвори во средина со најмногу 3.500 жители или во определени места да може да се отвори аптека која ќе биде подружница на веќе отворена аптека, која ќе може да функционира или само со еден фармацевт или со фармацевтски техничар со положен стручен испит, кој мора да биде под надзор и во рамки на регистрирана аптека во која има вработено и фармацевт кој ќе го врши тој надзор. Ова го правиме бидејќи има повеќе места во Македонија кои имаат околу или над 2.000 жители, а во кои нема интерес да се отвори аптека, рече Тодоров.

Тој истакна дека подобро е објаснет делот на подвижната аптека, а идејата е за населени места во рурална средина со најмногу 400 жители да може да се направи таканаречена подвижна аптека.

- Предвидуваме уште една заштитна одредба или заштитен механизам со кој секоја веледрогерија која има поголем обрт од 10 милиони денари ќе подлежи на задолжителна едногодишна контрола од страна на инспектори од Бирото за лекови, Управата за јавни приходи и царината, со цел да имаме поголема контрола на дел од измените од Законот кои ги правиме, додаде министерот Тодоров.