Пуштено во употреба ново повеќенаменско игралиште во Ѓорче Петров

Граѓаните на Општината Ѓорче Петров од денеска ќе можат да спортуваат на новото повеќенаменско игралиште, кое е дел од проектот „100 повеќенаменски спортски игралишта“.

Игралиштето го пушти во употреба премиерот Никола Груевски, заедно со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, директорот на Агенцијата за млади и спорт и градоначалниците на Скопје и на Ѓорче Петров, Коце Трајановски и Сокол Митровски.

- Со задоволство сум на пуштањето во употреба на спортско повеќенаменско игралиште во Општината Ѓорче Петров, кое што го имаме ветено на изборите и го реализираме. Досега 15 вакви игралишта се во самиот финиш на реализирање, а други 21 се ставени во постапка за градба. Потпишани се решенијата, а почетните работи се одвиваат. Тоа е еден добар прогрес и верувам дека веќе следната година ќе влеземе во една многу подлабока фаза, изјави премиерот Груевски.

Игралиштето е изградено на површина од 1.100 метри квадратни и целосно е оспособено да се користи за повеќе видови на спортови мал фудбал, кошарка и ракомет. Во рамките на овој простор, кој што е целосно хортикултурно уреден се поставуваат и надворешни фитнес сали, а многу брзо ќе бидат поставени и табли за шах, за пинг понг и сите потребни реквизити за одбојка на плажа. Околниот простор е уреден со паркинг простор и со спринтерска патека.

- Со ова игралиште целосно се менува спортската слика на Општина Ѓорче Петров, а за него се издвоени седум милиони денари, рече Груевски, посочувајќи дека Владата издвојува големи средства за изградба на спортски сали и игралишта. Тоа се градби, додаде тој, кои на Ѓорче Петров и на Република Македонија ќе им донесат големи придобивки.   

За реализација на ова игралиште помогнаа и општината Ѓорче Петров, а Градот Скопје издвои еден милион денари.

- Младите веќе имаат поголема можност да изберат дали ќе го поминуваат времето на улица, дали ќе бидат навлечени на лошите пороци на современото време, или пак, ќе го поминуваат времето во тренинзи, игри, натпревари, рекреација, јакнење на својот спортски дух, во потрага по победи, по успех, истакна Груевски.  

Проектот за „100 повеќенаменски игралишта“, којшто беше изборно ветување, Владата го реализира со Агенцијата за млади и спорт.

Премиерот Груевски истакна дека Владата продолжува да биде голем поддржувач на Општина Ѓорче Петров, како за спортски проекти, така и за сите проекти од значење на граѓаните.

- Општината Ѓорче Петров во изминатите години комплетно ја смени сликата која се провлекуваше повеќе децении. - Од сегашен аспект слободно можеме да констатираме дека ова е општина со визија и со огромен потенцијал за напредок и развој, изјави премиерот.

На граѓаните им се обратија и првиот човек на Општина Ѓорче Петров Сокол Митровски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски.