Пуштено во употреба новото ОУ „Александар Македонски“ во Аеродром

Во Реонски центар - Аеродром  денеска беше пуштено во употреба новото основно училиште „Александар Македонски“. Настава ќе посетуваат околу илјада ученици во 18 училници. Изградбата на училиштето ја овозможи Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука за што беа одвоени околу 130 милиони денари.

Новото училиште во употреба го пуштија премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот Ивица Коневски.

Оваа учебна 2013/2014 година во „Александар Македонски“ се организира настава за ученици од прво до петто одделение. Од наредната учебна година се очекува да се зголеми бројот на деца кои ќе се запишат во ова училиште.

- Училиштето „Александар Македонски“ денеска е подготвено да ги прими новите 110 ученици кои ќе учат во пет нови паралелки од прво до петто одделение. Со завршување на овој капитален проект, општина Аеродром и нејзините жители, особено најмладите добиваат ново училиште кое во голем обем ќе ги растовари капацитетите на другите училишта во околината. Ќе се овозможи квалитетно следење на образовната настава бидејќи тоа е предуслов за просперитетна иднина и подигнување на квалитетот на живот, рече Груевски.

Владата, како што истакна, во континуитет работи и се грижи за развој и унапредување на образованието како главен предуслов за постигнување на економскиот просперитет. Груевски потсети дека во изминатите неколку години беа осовремени наставните програми, се воведе систем на деветгодишно основно образование, се обезбедија бесплатни учебници во основните и средни училишта.

Воведовме, како што рече, повеќе предмети во основното образование, информатика, англиски јазик, етика како задолжителенн предмет во шесто одделение, етика на религиите како изборен предмет во петто одделение. Се набави компјутер за секое дете, интернет, набавка и распределба на нови клупи и столчиња... Се воведе дополнителна и додатна настава, континуирано се работи на изградба на училишни спортски сали, фудбалски, тениски и повеќенаменски игралишта и реконструкција на веќепостоечките.

- Во наредниот период ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес и реализација на сите проекти од нашата програма кои имаат за цел подобрување на услови во образованието за секое дете во државата и во сите краишта на Македонија, рече Груевски.

Министерот Ристовски потенцира дека изминатите години во Македонија изградени се нови основни и средни училишта, а реновирани се повеќе училишни објекти.

- Владата и МОН се силно фокусирани на обезбедување еднакви можности за вклученост, но и квалитетни услови за реализација на воспитно-образовниот процес. Во тој дел сме подготвени да дадеме и даваме целосна поддршка на сите општини кои ја имаат истата намера, како што е општина Аеродром, истакна Ристовски.

Градоначалникот Коневски рече дека со ОУ „Александар Македонски“ ќе се избегне досегашната практика децата да учат и во трета смена до вечерните часови.

- Изградбата на новото училиште е резултат на напорната, посветена и континуирана работа на Владата заедно со општина Аеродром, рече Коневски.

Новото училиште е на површина од 5.300 метри квадратни распоредени на три нивоа. Во него се сместени 14 училници и четири опремени кабинети, со капацитет од 800 до илјада ученици во две смени кои ќе следат настава на македонски јазик. Во состав на објектот е изградена спортска сала со површина од 420 метри квадратни.

Изведувач на проектот беше „Бетон“ од Скопје, а Општина Аеродром хортикултурно го уреди објектот, ја презема одговорноста за натамошно менаџирање на овој објект и го набави мебелот и опремата потребни за внатрешно уредување на училиштето. Изградбата на училиштето траеше околу две години.