Премиерот Груевски се сретна со хрватскиот претседател Јосиповиќ

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата нa Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес ( четврток, 05 септември 2013 година) оствари работен ручек со Претседателот на Република Хрватска г-дин Иво Јосиповиќ. 

На средбата беа констатирани одличните пријателски односи кои што постојат помеѓу двете земји, а кои бележат континуиран развој.  Соговорниците се согласија дека не постојат отворени прашања меѓу двете држави, потенцирајќи дека добрите и пријателски политички односи, како и остварувањето  на интензивниот дијалог на највисоко ниво отвора простор за уште поинтензивна економска соработка која ќе донесе напредок на земјите.

Oд страна на премиерот Груевски беше истакнато дека унапредување на економската соработка, зголемување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите, се приоритети на македонската Влада, и дека Република Хрватска има значење во оваа насока.

Беше разговарано и за значајноста за поддршката на реализацијата на стратешките определби на Република Македонија за полноправно членство во Европската унија и во НАТО.

Во таа насока Премиерот Груевски го информираше хрватскиот Претседател за стратешките определби и приоритети во надворешната политика на Република Македонија во контекст на ЕУ и НАТО интеграциите, како и напредокот во реформите кои го прави Република Македонија на тој план.

Истовремено Премиерот Груевски ги нагласи реформите и добрите услови кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори, а кои Република Македонија ја прават атрактивна за инвестирање и потенцијална бизнис дестинација за многу заинтересирани инвеститори.

Премиерот Груевски истакна дека во Република Македонија постојат повеќе успешни примери на хрватски инвестиции, како што е  инвестицијата на компанијата „Агрокор“ во Струмица, што покажува дека постои сериозен потенцијал за зајакнување на економските односи меѓу државите. Премиерот посочи дека  се добредојдени хрватските инвеститори кои се заинтересирани за зголемување и проширување на инвестициските можности. 

Претседателот на Република Хрватска г-дин Иво Јосиповиќ истакна дека во Република Македонија гледа искрен пријател и дека Хрватска и понатаму ќе остане силен поддржувач на евроинтегративните процеси на Република Македонија.

Претседателот на Република Хрватска  Јосиповиќ се согласи дека постои добра основа за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави особено на полето на земјоделието, преработувачката индустрија и туризмот.

Соговорниците разменија повеќе информации за споредбените искуства, за предизвиците со кои се соочуваат државите на политички и економски план и за околностите во регионот.