Се зајакнуваат контролите кај јавните набавки и кај продажбата на државните ствари

Почитувани,

Владата на Република Македонија во својата работа се води по темелната определба за спроведување на реформи кои значително ќе го подобрат квалитетот на живеењето на граѓаните, ќе ја подобрат економијата и пазарните услови во кои функционира општеството.

Отчетноста и транспарентноста е наша обврска пред граѓаните и ние тоа го правиме.

 Во оваа насока Владата на минатата седница ги разгледуваше и по детално согледување на материјата усвои Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки и Предлог-закон за именување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Двата закона се базираат на најдобрите практики во овие области.

Прво, во однос на измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, најпрвин би истакнал дека со нив:

-се создаваат нови и подобрени можности и алатки за борба против корупцијата,

-силно се стеснува просторот за манипулации, за обиди за наштетување на државниот интерес и средствата на граѓаните, или пак противправно обезбедување на имотна корист,

-се штити јавниот интерес со предвидување на норми со кои се отстрануваат можни влијанија и субјективизам,

-директно и позитивно се одговара на барањата на деловната заедница,

-се придонесува кон намалување на трошоците на деловните субјекти кои настапуваат во постапките на јавните набавки и значително се подобрува нивниот пристап,

-се подобрува правната заштита на интересите на деловните субјекти како основен столб за обезбедување законитост на постапките,

-дополнително се зголемува транспарентноста доследно на владините политики во оваа област и се реализираат и други останати позитивни работи со рефлексија во повеќе сфери.

Во оваа прилика би сакал да напоменам дека Република Македонија е лидер во регионот во користењето нови иновативни методи и средства за спроведување на јавните набавки, особено во сферата на користење електронски средства, и за Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии имаат добиено неколкукратни позитивни оценки од релевантни меѓународни институции. Електронскиот систем за јавни набавки овозможи целосна транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства што никогаш претходно во ниту една претходна влада на политичките конкуренти не сме го имале. Податоци за склучените договори, договорените износи и избраните понудувачи може да се добијат во секое време без ограничувања.

Новите законски решенија обезбедуваат нормално функционирање на јавниот сектор и обезбедување на потребните услуги на граѓаните, но од друга страна, и соодветни контролни механизми за спречување на злоупотребите на јавните фондови.

Со Предлог–законот, се воведуваат значајни подобрувања на постојниот законски текст и се предлагаат и неколку нови решенија.

Како најзначајна измена би го издвоил заострувањето на контролните механизми кои обезбедуваат спречување злоупотреби при утврдувањето на условите за учество на компаниите и техничките карактеристики на предметот на набавка. Во иднина, набавувачите односно договорните органи (институциите за кои важи овој закон) ќе мора да извршат сериозна анализа на пазарот за да ја утврдат потенцијалната конкуренција и бројот на можни понудувачи. Анализата треба да покаже како би влијаеле условите за квалификација на фирмите и техничките спецификации на бројот на потенцијални понудувачи кој треба да е поголем од пет. Значи при секоја идна набавка институциите треба да имаат претстава дека треба да се овозможи најмалку пет понудувачи да ги исполнуваат критериумите за да се јават на огласот за јавна набавка.

Клучен е тука фактот што значително се зајакнува позицијата и надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, која во иднина ќе има активна улога во контекст на спречување на манипулации со критериумите. Имено, се предвидува Комисијата да издава согласности пред да се објави тендерот доколку од објективни причини условите за учество не дозволуваат соодветно ниво на конкуренција. При тоа, целосно е пропишана постапката за барање и издавање согласности од страна на Државната комисија, при што ќе се воведе и Регистар на независни стручни лица експерти кои што потпишувајќи акт за полна морална, материјална и кривична одговорност ќе бидат вклучени со свои независни мислења што Комисијата ќе ги има предвид при одлучување дали да даде согласност или не за реализација на набавкаво која на пример нема да се обезбеди потребниот број на компании кои конкурираат за да го добијат предметот на набавката, или пак во други случаи. Конкретно, предвидено е Државната комисија за издава согласност пред да се објави огласот за јавна набавка во следниве случаи:

-Кога со планираните технички спецификации конкуренцијата се ограничува на помалку од пет производители за секој дел,

-Кога со планираните услови за способност конкуренцијата се ограничува на помалку од три понудувачи кај набавките до 5.000 евра, помалку од четири понудувачи кај набавките до 20.000 евра и помалку од пет понудувачи кај набавките над овој износ,

-Кога набавувачот сака да користи покрај цената како критериум и дополнителни критериуми,

-Кога кај набавката на лекови набавувачот сака да групира повеќе ставки од ист вид во еден дел.

Кршењето на овие обврски ќе повлече и кривична одговорност за сторителите односно раководните лица во државната институција.За таа цел се предвидени и неколку кривични дела кои се движат од една до пет години затвор за кривичните дела со умисла, но и казна за кривично дело од небрежност. Предвидени се и остри казни при несоодветно постапување на второстепената комисија, за неказнетите членови.

Системот на издавање согласности е предвидено да започне да се применува од 1 мај 2014 година бидејќи е потребно време да се завршат сите подготвителни активности за да се оспособи Државната комисија да може да ги врши новите надлежности за што ќе бидат потребни многу обуки и регистер како и соодветни софтвери.

Особено предвидовме две решенија карактеристични за здравствениот сектор. При набавката на лекови, медицински помагала и потрошен медицински материјал се оневозможува групирањето на различни ставки во рамки на еден дел и во иднина јавните здравствени установи ќе ги спроведуваат набавките според принципот „еден артикл – еден дел“. Тоа очекуваме максимално да ја зголеми конкуренцијата. Исто така, се забранува користењето на заштитени имиња (брендови) на лековите со цел да се избегне тендециозно и неоправдано фаворизирање на одредени фармацевтски куќи, туку постапките во оваа област ќе мора да се спроведуваат согласно генеричките имиња на лековите за непостапување по овие законски норми се предвидува кривична постапка со затворска казна и ништовност на тендерот.

Следејќи ја нашата определба за зголемување на нивото на конкуренција во јавните набавки, ќе го прошириме опфатот на консултациите со приватниот сектор на целата тендерска документација, што ги опфаќа и условите за учество и способност на фирмите, задолжителни елементи на договорот и слично, со што директно излегуваме во пресрет на бизнис заедницата и исполнуваме едно нејзино директно барање. Во иднина, фирмите ќе бидат информирани за секој коментар и приговор на секој оператор во процесот на техничкиот дијалог за секоја аспект од тендерската документација. Исто така, пропишана е можност за жалба за спроведениот технички дијалог.

Воведуваме и обврска во случај на промена на некој услов од тендерската документација (промена која согласно закон може да се случи најдоцна до 6 дена пред завршувањето на рокот за поднесување на понудите), претходно утврдениот рок задолжително да се продолжи за 6 дена, за компаниите да можат да одговорат на промените. Непочитувањето на оваа обврска повлекува ништовност на постапката.

Она што очекуваме особено да биде поздравено од приватниот сектор е обврската за задолжително прикачување на тендерската документација на Електронскиот систем за јавни набавки при објавување на огласот. Оваа мерка ќе придонесе да се подобри пристапот на фирмите, а особено на малите и средни претпријатија, до постапките за јавни набавки. Нема повеќе губење време и пари да се подигне тендерската документација од кај самиот набавувач и да се плаќа надомест за нејзино подигање. Изричито се забранува наплата на надомест за подигнување на техничка документација. Со овие измени, тендерската документација ќе им биде на располагање на понудувачите веднаш штом ќе го видат огласот.

Во делот на поттикнување на конкуренцијата, воведуваме изјава за независна понуда, која понудувачот ќе ја дава во секоја постапка за јавна набавка. Со оваа изјава, понудувачот треба да потврди дека понудата е изработена без договор со други фирми, како и дека во истата постапка не учествуваат фирми со кои е сопственички, капитално или роднински поврзан.

Секако, со предложените измени и дополнувања доуредуваме одредени аспекти од законот кои се покажаа како неопходни во досегашната пракса, а воведуваме и некои нови решенија.

На пример, дополнително се регулираат правата и обврските при конкурирање од страна на група понудувачи. Компаниите кои ја сочинуваат групата пред поднесувањето на документацијата задолжително ќе треба меѓусебе да потпишат договор кој ќе ги регулира нивните односи и интереси, односно да се предвиди кој е носител на понудата, кој ја сноси гаранцијата, кога, кој и како може да се откаже или да не се откаже од процесот итн. Тој договор треба да е составен дел на групната понуда, и на овој начин се штитат и самите компании кои учествуваат во групната понуда од евентуални оштетувања од компанија која е дел од групата која конкурира во набавката.

Исто така, се доуредува издавањето негативни референци, а особено правната заштита на фирмите против незаконски негативни референци што го ограничуваат нивното право на учество. Конечно, кога зборуваме за нови решенија и функционалности на Електронскиот систем за јавни набавки кои треба да го олеснат спроведувањето на постапките за јавни набавки, би ги истакнал следниве:

Првото е воведување на функционалноста „профил на економски оператор“. Овој профил ќе им овозможи на фирмите кои се регистрирани во системот еднаш да ги прикачат документите за утврдување способност, а потоа самиот систем ќе ги прикачува во секоја електронска набавка, наместо, како до сега, за секоја постапка фирмите одделно да ги прикачуваат потребните документи. Тоа значително ќе ја олесни подготовката на понудите и ќе ја намали можноста од грешки.

Втората функционалност со која ќе се надгради електронскиот систем е можноста доколку при една постапка се јави или остане само еден понудувач да може дополнително да ја намали првичната ценапреку давање на конечна цена во рамки на Електронскиот систем, наместо, како до сега, да се поништува постапката и да се оди со непосредна спогодба. Оваа мерка се очекува да го намали бројот на поништувања на постапките и бројот на постапки со преговарање.

Ние сме длабоко убедени дека на овој начин, и со овие законски решенија ќе се овозможи добробит за компаниите, поголема заштита на нивниот правен и економски интерес, ќе се намалат нивните трошоци, тие ќе бидат поупатени во процедурите и значително ќе се прошири транспарентноста.

Исто така сериозно ќе го угушиме просторот за изигрување на законите, разно разни договарања и манипулации, дезавуирање на процедурите и против правно постапување на штета на средствата на буџетот и граѓаните.

Второ, исто така на линија на обезбедување на транспарентност и со цел да се обезбеди економскиот и правниот интерес на граѓаните, но и на државата и на компаниите и за да се спречат елементи на противправно постапување, оштетување на имотот на државата и обиди за корупција и мито, Владата на минатата седница го усвои Предлог законот за именување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Со овие нови законски решенија, несомнено ќе се придонесе за поголема транспарентност во постапките за продажба на стварите кои што ги користат државните органи и поголем достап на субјекти до процесите, се создава нова алатка за борба против корупцијата и се стеснува просторот за самоволно однесување на институциите, а се намалуваат и трошоците во време и средства за субјектите кои сакаат да учествуваат во процедурите на купување на ствари, а нивниот пристап до можноста станува поефикасен и поефективен.

Со законските решенија кои се веќе испратени во Собранието и оние кои се испраќаат се заокружува оваа целина и обезбедуваат соодветен систем за постапување со кој се штити јавниот интерес.

Од 1 јануари 2014 година се воведува обврска за електронска продажба на стварите што ги користат државните органи, и секоја продажба во оваа смисла задолжително ќе се врши по електронски пат. Ова ќе се однесува на постапките за продажба на стварите кои што ги користат државните органи, во прв ред министерствата, но и сите други буџетски корисници или единки корисници на средства од буџетот.

Електронската продажба ќе се одвива преку софтверското решение кое ќе биде воспоставено во Министерството за финансии, односно во Управата за имотно правни работи која и ќе оперира со електронскиот систем, со што ќе се обезбеди поголема контрола на процесите.

Во соодветна постапка сите физички и правни лица ќе можат преку регистрирање на електронскиот систем да наддаваат  за купување ствар (недвижна или движна), која што врз основа на задолжителна и претходно донесена одлука од Владата ја отуѓува некој државен орган.

За продажба на ствар транспарентно ќе треба  задолжително да се објави јавна објава во најмалку три весници, од кои два на македонски јазик, а еден на јазикот кој го користат заедниците кои не се мнозинство. Објавата покрај во весниците ќе треба да биде поставена и на интернет страницата на Управата за имотно правни работи, со што секој субјект во секој момент ќе има преглед на стварите кои се на продажба и дополнително ќе се олесни пристапот до процедурите како и транспарентноста.

Рокот за поднесување на пријави ќе трае најмалку 10, но не повеќе од  30 дена сметајќи од денот на објавaта. При пријавата секој интересент треба да уплати депозит во висина од 5% од проценетата почетна цена на наддавањето, кој му се враќа доколку не победи на јавното наддавање, и тој од Комисијатадобива шифра за пристап во електронскиот систем, и информации за денот и времето кога ќе се одржи електронското јавно надавање.

Во конкретниот тајминг, ден и час, кога ќе се одржи наддавањето, сите субјекти кои аплицирале за купувањето наддаваат со чекори на наддавање кои изнесуваат 1% од почетната цена на наддавање по чекор. Субјектот кој ќе понуди највисока цена се стекнува со правото да ја купи стварта која е предмет на продажбата. Потоа, во рок од 5 дена субјектот кој победил на наддавањето и државниот орган кој ја продава стварта склучуваат договор, а субјектот е должен во рок од 15 дена да ја уплати полната вредност на средства која е постигната на наддавањето. Доколку тоа не го стори, средствата од депозитот се задржуваат во државниот орган, се спроведува нова постапка за јавна продажба, а субјектот кој имал обврска да ја плати цената, а не ја платил, добива негативна референца и истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметнaта ствар.

Исто така Владата со новите измени ја предвиди и методологијата на движење на цената при овие постапки. Со цел привлекување на поголем број заинтересирани купувачи и создавање поголема конкурентност во постапките за продажба со јавно наддавање на стварите на државните органи, со измените и дополнувањата се воведува нов концепт во однос на начинот на утврдување на почетната цена на стварите.

Имено, се создава обврска за државниот орган што ја продава стварта, да обезбеди проценка за вредноста на истата од страна на овластен проценител, кој што во својот извештај за проценката ќе ја определи почетната цена за првата продажба на стварта, која ќе претставува проценетата вредност намалена за 30%. Тоа е разликата помеѓу проценета пазарна цена и почетна цена за јавно електронско наддавање.

Доколку од причини точно определени во законот, првото јавно наддавање биде несупешно, се утврдува обврска за државниот орган кој ја врши продажбата, проценката заедно со извештајот за неуспешното јавно наддавње да го врати кај проценителот, кој е должен повторно да ги испита пазарните услови за конкретната ствар, така што во корегираната проценка на овластениот проценител, почетната вредност на стварта за второто јавно наддавање може да биде намалена до 50 % од почетната цена што била определена за првото јавно наддавање.

Во случај на понатамошни неуспешни јавни наддавања, Предлогот на закон предвидува почетната вредност на стварта да се намалува за соодветен процент и тоа  70 % при трето јавно наддавање, па се до  90 % при четврто јавно наддавање.

Предложените законски измени создаваат можност за сите заинтересирани  физички и правни лица во транспарентна постапка, по цени соодветни на пазарните услови, да ги купат и повторно да ги стават во функција, пред се објектите, но и другите ствари кои што државните органи веќе не ги користат.

Почитувани,

Со овие закони Владата јасно ја демонстрира својата определба за отвореност и за грижа за интересите на целата држава. Убеден сум дека од овие закони ќе имаат корист и граѓаните и компаниите и ќе се промовира и интересот на државата. Ние ќе продолжиме во ист стил и во иднина.