Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Денот на независноста на Република Македонија

Почитувани граѓани,

Со радост ви се обраќам и го честитам големиот ден, значаен за сите нас, Денот на независноста на Република Македонија и одлуката на која се темели современата македонска држава.

Деновиве бележиме 22 години од моментот на чест и храброст кој македонските граѓани го имаа за да бидат носители на демократија, слобода и солидарност. Во тој момент се постигна повеќевековната цел, се исполни аманетот на нашите предци и желбата на сите нас да живееме во слободна, независна и суверена Република Македонија.

На 8-ми септември 1991 година граѓаните одговорно и храбро ја поведоа Македонија кон целосно меѓународно признавање, соработка со соседите, членство кон Европската Унија и НАТО сојузот. Денес Македонија гордо чекори кон сеопфатен развој и исполнување на амбициозните политики.

Во минатото имавме предизвици од кои излеговме посилни, поминавме низ позитивни и негативни процеси, но заедно ја исправивме Република Македонија во самостоен и независен државен субјект. Превземајќи ја целосно одговорноста за сопствената судбина, во изминативе 22 години докажавме дека имаме капацитет да изградиме здраво, демократско и просперитетно општество.

Деновиве го величаме овој ден и им благодариме на сите оние кои кога беше најпотребно беа најхрабри и помогнаа Македонија да чекори кон посветла иднина.

Почитувани, нека овој 8-ми Септември ни даде сила да продолжиме, нека овој ден не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале и нека овој ден вечно ги потхранува визијата и стремежот за подобра Македонија. 

Таквата историска визија и стремеж за сите нас се современо и модерно општество, држава на благосостојба, хармонија и разбирање, членство во меѓународните организации кон кои сме насочени, економски напредна и силна Република Македонија.

Нека 8-ми Септември вечно се памети и секоја година се прославува со уште поголема радост, гордост и љубов.

 

Ви го честитам големиот државен празник 8-ми Септември !

Ви честитам 22-годишнина Независност на Република Македонија!

 

 

Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ