Дополнителни материјали не се задолжителни за учениците

Одобрените и дистрибуирани учебници од надлежните институции и органи се базичен наставен материјал и сосема доволен за реализација на воспитно-образовниот процес на секој ученик, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Останати упатувања за купување какви било дополнителни учебници, работни тетратки, прирачници, боенки и слично, како што рече, се спротивни на законските прописи, освен доколку нивната набавка заради домашна употреба е израз на лична волја на родителот, односно старателот на ученикот.

Ристовски даде образложение во врска со информациите дека во некои училишта од родителите се бара да обезбедат дополнителни материјали за учениците и стручна литература, точно прецизирана од кои автори и издавачи, под изговор дека се неопходни во процесот на образование на децата.

Министерот за образование нагласи дека ова е недозволиво и спротивно на законот и дека паричните казни за овие и слични законски прекршувања се високи.

- Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако дозволи продажба на стручна литература и детски списанија, додека глобата за одговорното лице за истиот прекршок е од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност, рече министерот Ристовски.

Во контекст на тоа додаде дека глоба во износ од 10.000 до 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако употреби учебници кои не се одобрени од Националната комисија за учебници, а глобата по овој основ за одговорното лице во правното лице е од 5.000 до 7.500 евра.

Просветните инспектори, како што рече Ристовски, се постојано на терен и вршат редовни, но и вонредни инспекциски надзори, по претставки од граѓани.

- Изминатите неколку денови извршени се инспекциски надзори во 120 основни и средни училишта и досега утврдени се неправилности во основните училишта „Димо Хаџи Димов“ и „Јохан Хајнрих-Песталоци“ во Скопје, каде директорите се задолжени да поведат дисциплинска постапка против 13 наставници, во одделенска и предметна настава, бидејќи усно и писмено ги задолжиле учениците да набават работни тетратки и помагала.

Министерот за образование упати апел до училиштата и раководните структури, како и воспитно-образовниот кадар да не се обидуваат да експериментираат со законот, како и до родителите да бидат внимателни и да не наседнуваат, како што рече, на бизнис интересите на поединци кои не само што ќе им создадат материјален трошок, туку можат да нанесат потешкотии во воспитно-образовниот процес на своето дете.

- Сите родители кои добиле вакви понуди да не постапуваат по нив, туку да го информираат Државниот просветен инспекторат, рече Ристовски и додаде дека државата ги обезбедува сите учебници кои се од најдобар интерес на децата и сите тие се без какви било финансиски импликации по семејниот буџет на граѓаните.

Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука почнувајќи од учебната 2009/2010 година го воведоа концептот на бесплатно образование за учениците од основните и средните училишта.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ристовски рече дека училиштата кои имаат пријавено оштетени учебници, МОН им ја доставува потребната количината од соодветниот учебник.