Пуштена во употреба новата катна гаража со 445 паркинг места

Премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ја пуштија во употреба новата катна гаража лоцирана меѓу улицата „Св. Кирил и Методиј“ и булеварот „Македонија“.

На официјалното пуштање присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министри, пратеници и претставници од Град Скопје.

Катната гаража има два ката под земја и седум над земја со 445 паркинг-места. Вредноста на проектот е 743 милиони денари.

Обезбедувањето паркинг-простор, според премиерот Груевски, беше и остана еден од најголемите приоритети, не само на локалната самоуправа, туку и на Владата.Целта, додаде тој, беше да се обезбеди јавен паркинг-простор за потребите на објектите во поблиското опкружување, како и за посетителите на централното градско подрачје.

- Владата на Република Македонија и во иднина ќе продолжи да ги поддржува проектите на локалната самоуправа, на Градот Скопје кои значат издигнување на Градот Скопје во вистинска метропола вреднувајќи ги сите придобивки на модерното време и помагајќи им на граѓаните да имаат подобар, поудобен и побезбеден живот. Ќе работиме на осветлување на скопските специфики кои ќе ги обединат сите генерации. Транспарентност, отчетност, постојана комуникација и отвореност за критика од граѓаните на Скопје секогаш ќе бидат наш приоритет, рече Груевски.

Во изминатите неколку години, додаде, почнаа да се градат и се пуштија во употреба повеќе катни гаражи на различни локации во Градот Скопје, а голем дел се во градба.

- Дозволете ми заедно да ја градиме иднината на нашиот град, да ги почитуваме и вреднуваме вредностите создадени во минатото, да чекориме во сегашноста и да работиме за иднината, нагласи Груевски.

Катната гаража, како што истакна градоначалникот Трајановски, е современ објект со модерен систем со видео-надзор, систем за следење на слободни паркинг-места и за насочување на возилата, осветлување и испочитувани стандарди за противпожарна заштита.

- Новата катна гаража има два ката под земја и седум ката над земја, со вкупно 445 паркинг-места, по 52 во подземните нивоа, по 60 места до првиот до петтиот кат и 41 за шестиот кат. Обезбедени се и 17 паркин места за лицата со посебни потреби. Предвидени се и деловни простории со површина од 784 метри квадратни на приземјето и на 460 метри квадратни на последниот кат, појадни Трајановски.

Пристапот беше обезбеден преку ново проектирана сервисна улица, која е поврзана со улицата „Св Крил и Методиј“. Фасадата е изработена од префабрикувани алуминиумски елементи поставени на дистанцери и одалечени 50 сантиметри од карабината. Со катната гаража ќе стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“.